Оваа одлука следува по барањето на градоначалничката на Тетово, Теута Арифи, што таа вчера го упати до надлежните
По барањето на градоначалничката на Тетово, Теута Арифи, за почнување на учебната година со онлајн-настава во првите три недели, Комисијата за заразни болести одлучи само средните училишта да имаат наставен процес преку интернет, и тоа за првите две недели во Тетово и Гостивар, а како ќе се одвива понатаму ќе зависи од развојот на состојбата, рече од Тетово министерот за здравство Венко Филипче.
„Една од главните причини за оваа одлука е состојбата во болниците кои се преполни, пациенти од Тетово и Гостивар се сместуваат во Скопје. Бројката на ученици во средните училишта е висока и може да биде дополнителен ризик-фактор, иако морам да потенцирам дека немаше трансмисија во училиштата минатата учебна година кога 40 проценти од учениците беа во училниците.
рече Филипче по средбата со градоначалничката Теута Арифи.
Сепак, Филипче вели дека е потребна претпазливост бидејќи болниците се преполни и постои опасност да се случи уште едно дополнително влошување на состојбата.
Вели дека е добро што бројките на заболени се намалуваат, а масовната имунизација и стекнатиот имунитет го прават бранот поразличен и истакна дека процентот вакцинација во Тетово е пораснат од 23 на 35 отсто.
За предлогот на Општина Тетово да се бараат задолжителни негативни тестови од невакцинираните просветни работници, Филипче рече дека тоа се предлози за кои ќе се разговара на Главниот координативен кризен штаб на Владата, а Владата на седницата носи одлука.
„Точно е дека во повеќе европски земји луѓето носат мерки со цел да се зголеми опфатот со вакцинација и ние ги гледаме тие пораки и тие предлози. Сега се вакцинирани близу 70 проценти од вработените во училиштата. И верувам дека тоа и почитувањето на мерките, ова важи за територијата на целата држава за сите училишта, дека навистина ќе придонесе да имаме една од епидемиолошки аспект мирна учебна година. Еве сега, дополнителен придонес е вакцинацијата не само таму туку и на општото население, така што за сите предлози ќе се дискутира и на Штабот и на Владата“,
рече Филипче.
Оваа одлука следува по барањето на градоначалничката на Тетово, Теута Арифи што вчера го упати на прес-конференција. Таа побара во Тетовскиот Регион првите три недели од новата учебна година да бидат онлајн, а потоа учениците да почнат да одат во училиштата. Причината е, како што рече, високите бројки на заболени од ковид во Тетово, а барањето е испратено до Кризниот штаб на Владата, Министерството за образование и Комисијата за заразни болести.
„Ние како штаб за Тетово ќе ги контролираме дали имаат барем една доза вакцина вработените. Тие што не се вакцинирани во училишта ќе бидат обврзани секои 72 часа да донесат доказ за негативен тест и да продолжат да работат. Мислам дека мора да повикуваме на вакцинација и малку да наложиме. Ние како локални авторитети ќе го спроведеме, поради здравјето на сите. Свесни сме дека некој поради здравствени причини не може да прими вакцина, ама тоа може да се аргументира пред училиштето. Како што се прави тестирање за шетање, така и за школо ќе се прави“,
изјави вчера Арифи.