За студентите најавена е помош за партиципација и сместување во студентските домови
Министерот за образование Арбер Адеми најави дека учениците над 16 години, чии семејства имаат приходи пониски од просечната нето-плата, ќе добијат по 3 000 денари за набавка на училиштен прибор, лектири, калкулатори и опрема за спортски активности. Заинтересираните треба да се пријават на платформата www.digitalizirajse.mon.gov.mk во рок од 10 дена откако ќе биде активирана.
„По завршување на пријавувањето, ќе биде креирана листа на корисници најдоцна до 10 септември и во рок од 3 дена ќе биде извршена исплатата на средствата“,
изјави Адеми.
Средствата ќе се исплаќаат на домашната платежна картичка за купување домашни производи, а на тие што не поседуваат, дополнително ќе им биде издадена и ќе може да се искористат до 15 октомври. Неискористените средства ќе се вратат на сметката на МОН.
Втората мерка што ја најави Адеми е за студентите и станува збор покривање на трошоците за сместување или партиципација за студирање до 6 000 денари.
„Основен услов е студентот да е запишан на прв циклус редовни студии на јавните високообразовни установи и да е член на семејно домаќинство во кое остварениот просечен месечен доход по сите основи за 2019 година не е поголем од просечната нето-плата исплатен по вработен за март“
додаде Адеми.
Средствата за партиципација се уплаќаат директно на сметката на универзитетот, а за сместувањето на сметката на домот. Пријавувањето ќе биде преку истата платформа „Дигитализирај се“ од 1 до 10 октомври.
На денешната прес-конференција, министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски ја промовираше третата мерка за младите која се однесува на доделување ваучери за изучување дигитални вештини. Целта е преку обука младите брзо да најдат работа за повисока плата, рече Манчевски.
Повикот за правните лица кои сакаат да се пријават за држење обуки ќе биде објавен на 29 јуни. Вкупниот буџет ќе изнесува 150 милиони денари.
