При составувањето на нашите барања за измена и поедноставување на содржината на државната матура, земавме пример од образовните власти во Франција, кои бројот на испити го намалија дури на еден, велат средношколците
Сојузот на средношколци најави дека второто полугодие од оваа учебна година, кое треба да започне на 21 јануари, ќе го почнат со бојкот на наставата. Одлуката, велат, ја донеле по консултации со претставници на средношколците низ земјава, а ќе бојкотираат сè додека нивните барања не бидат прифатени.
Тие бараат Министерството за здравство и наука да ја измени содржината на државниот испит – матурата и да го намали бројот на предмети кои учениците треба да ги полагаат. Од четири предмети, предлагаат да се полагаат само два. Едниот да биде мајчин јазик, а вториот по избор на ученикот согласно неговите планови за понатамошното образование, а се согласуваат да остане и проектната задача.

Второто нивно барање е МОН и Државниот испитен центар (ДИЦ) во март годинава да објават и презентираат план и програма за тоа како ќе изгледаат скратените наставни програми и другите материјали за испитите.

На барањето е потпишан средношколецот Бленди Ходаи, претседател на Сојузот на средношколци.
„При составувањето на нашите барања за измена и поедноставување на содржината на државната матура, земавме пример од образовните власти во Франција, кои бројот на испити го намалија дури на еден – по избор на ученикот. Сепак, поради важноста на Уставот и мајчините јазици, сметаме дека и мајчиниот јазик треба да остане задолжителен испит“,
велат од Сојузот.
Овие барања, тврдат средношколците, ги предложиле за време на состанокот со министерката за образование и наука, Мила Царовска, на 9 декември 2020, а одлуката за бојкот ја донеле бидејќи, како што велат, МОН и ДИЦ не биле подготвени да соработуваат за нивните барања да бидат прифатени.