Средбата се одржа зад затворени врати во претседателската библиотека во Санкт Петербург
Средбата на рускиот претседател Владимир Путин и специјалниот претставник на САД за Блискиот Исток, Стив Виткоф, заврши по повеќе од четири часа.
Состанокот се одржа зад затворени врати во претседателската библиотека во Санкт Петербург.

Како што појаснуваат од Кремљ, тема на средбата биле аспекти на мировните преговори со Украина. Сепак, засега не се објавени детали од разговорите.
Според администрацијата на Вашингтон, патувањето на специјалниот претставник на американскиот претседател во Русија и неговата средба со рускиот претседател Владимир Путин е уште еден чекор кон прекин на огнот и конечно решение со Украина.
„Господин Виткоф е во Русија за да има директни комуникации со Кремљ и со Владимир Путин. Ова е уште еден чекор во преговарачкиот процес кон прекин на огнот и конечен мировен договор во Русија и Украина“,
рече портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит.
Ова е трета посета на Русија на специјалниот претставник на САД за Блискиот Исток, Стив Виткоф, откако Трамп ја презеде функцијата со ветување дека ќе ги поправи односите со Москва.