На пораките „Украина, биди храбра, биди силна! Ние сме со тебе“, што на платформата Икс ги споделија бугарскиот премиер Жељазков и министерот за надворешни работи Георг Георгиев, претседателот на Бугарија денеска одговори со став дека позицијата на владата во однос на Украина е губитничка
Тензичната и напната средба меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот украински колега Володимир Зеленски и реакциите кои уследија по неа го поделија државниот врв во Бугарија.
Додека премиерот Росен Жељазков и министерот за надворешни работи на Бугарија, Георг Георгиев, преку објави на социјалниците мрежи изразија недвосмислена поддршка за Украина и претседателот Зеленски, шефот на бугарската држава Румен Радев денеска изјави дека позицијата на владата во однос на Украина е губитничка.
„Украина, биди храбра, биди силна! Ние сме со тебе!“, гласеа пораките што на платформата Икс ги објавија Жељазков и шефот на бугарската дипломатија Георгиев.
🇺🇦 Ukraine, be brave, be strong. We stand by you. 🇧🇬🇪🇺
Лидерот на партијата ГЕРБ, Бојко Борисов, која е стожерот на новата политичка влада во Софија, пак, во објава на Фејсбук напиша дека секој обид за поделби во Европа „нѐ прави сите послаби“ и повика на итна средба меѓу лидерите на САД, европските држави и сојузници.
„Секој обид за поделби во Европа нѐ прави сите послаби. Не поради влијанието, туку поради принципите врз кои е основана, потребна е реакција на Европската Унија. Тоа е возможно само со итна средба на лидерите на САД, европските држави и сојзуници, а на која сите гледишта ќе бидат ставени на маса. Средба на која отворено ќе се разговара за тоа што е следно“, вели Борисов.
Бугарскиот претседател Румен Радев, одговарајќи на новинарски прашања на настан во земјата, рече дека вчерашната средба во Белата куќа ја открила вистината за војната во Украина и ги соочила двете гледишта за изнаоѓање решение за ставање крај на конфликтот.
„Она, изразено од Доналд Трамп, веднаш да се стави крај на лудото крвопролевање и да се бараат патишта до мир преку засилена дипломатија и другиот пристап, продолжување на војната по секоја цена, без оглед на жртвите и уништувањата. Со отворени обиди да се вклучи НАТО во војната со ризик од трета светска војна“, рече претседателот Румен Радев, коментирајќи ја вчерашната средба меѓу Доналд Трамп и Володимир Зеленски.
Тој изрази жалење што многу „европски политичари не можат да излезат од нивните тесни идеолошки рамки и да ги видат вистинските перспективи на оваа војна“.
„Тие продолжуваат да веруваат во некоја утопија дека Русија ќе биде поразена и продолжуваат да ја туркаат Украина кон катастрофа на овој начин. Продолжувањето на воените дејствија ќе биде проследено со уште повеќе загинати. Најголемиот проблем за Украина во оваа војна не е снабдувањето со оружје, туку тоа што Украина останува без луѓе на првите линии“, рече бугарскиот претседател, пренесува БНТ.
Радев, надоврзувајќи се на темата, категорично изјави дека бугарски војници нема да бидат испратени во Украина бидејќи „тоа значи глобален судир“.
Тој одби да ја коментира позицијата на Бугарија бидејќи, како што кажа, „таа ја следи позицијата на силните“, но „секогаш без свои размислувања за природата и перспективите на оваа војна“.
Претседателот на Бугарија, Румен Радев / Фото: Архива
Првото нешто што треба да се случи, според шефот на бугарската држава, е прекин на огнот. Потоа, треба да се бараат дипломатски потези за да се стави крај на војната во Украина, а тоа, како што кажа, е прашање на политичка волја.
„За жал, Европа треба да го најде своето место во оваа реалност порано отколку подоцна и треба да го најде своето место на преговарачката маса“, рече бугарскиот претседател, изразувајќи очекување дека европските лидери ќе бидат „многу повеќе во склад со реалноста“.