Премиерот Заев ја информирал амбасадорката Брнз и за почетокот на локалните избори и текот на пописот за што истакнал дека процесите се одвиваат според предвидената и очекувана динамика
Премиерот, Зоран Заев, и американската амбасадорка во земјава, Кејт Мери Брнз, денеска остварија средба на денот кога се навршуваат 26 години од воспоставување дипломатски односи меѓу двете земји на ниво на амбасади.
На почетокот на средбата амбасадорката Брнз го изразила своето, како и сочувството на народот на САД за жртвите од пожарот во модуларната ковид-19 болница во Тетово, а премиерот Заев ја информирал дека во тек е сеопфатна истрага за овој случај во кој покрај домашните, се вклучени и експерти од Германија во делот на форензиката за да се утврдат најточните причини за пожарот со трагични последици.
„Претседателот на Владата Заев и амбасадорката Брнз истакнаа дека денешната средба се остварува на денот кога пред 26 години двете земји воспоставија дипломатски односи на ниво на амбасади, дека Северна Македонија и САД продолжуваат да ги продлабочуваат меѓусебните односи и соработка, како и застапувањето и афирмацијата на заедничките вредности во НАТО. Амбасадорката Брнз се заблагодари за поддршката на Република Северна Македонија во прифаќањето на граѓаните на Авганистан и нагласи дека гестот на нашата земја е силна порака како постапува земја сојузник и членка на НАТО“,
информираат од владината прес-служба.

На средбата се разговарало и за соработка на економски план при што бил поздравен интересот на американските компании да бидат дел од процесите за транзицијата од фосилни кон обновливите извори на енергија, што доаѓа како резултат на политиките во овој дел што земјава планира да ги спроведе.
„Како позитивна беше оценета определбата на Владата за справување со корупцијата при што беше истакнато дека кампањата за борба против оваа појава има за цел не само да ја промени перцепцијата, туку и системски да ги елиминира причините за коруптивно однесување. Премиерот Заев во разговорот со амбасадорката Кејт Брнз истакна дека процесите за почеток на локалните избори, како и текот на пописот се одвиваат според предвидената и очекувана динамика“,
информираат од Владата.