На средбата со Шарл Мишел, македонскиот претседател го реафирмирал ставот дека билатералните прашања не треба да бидат пречка за валоризирање на напредокот на ниту една земја на патот кон ЕУ
Средба со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, оствари, денеска во Киев, македонскиот претседател Стево Пендаровски, во рамки на работната посета на Украина, а по повод 30-годишнината од независноста на земјата.
На средбата, соговорниците разменија мислења за најновиот развој на настани во контекст на процесот на проширување на Европската Унија, како и за македонскиот напредок во клучните реформски области и можностите за одржување на прва меѓувладина конференција, информираат од претседателскиот кабинет.
Пендаровски го реафирмирал ставот дека одржувањето на првата меѓувладина конференција во најскоро време е клучен приоритет за Северна Македонија, при што нагласил дека е неопходно Европската Унија да ги зголеми напорите за да се динамизираат односите со земјите од Западен Балкан. Македонскиот претседател го реафирмирал и ставот дека билатералните прашања не треба да бидат пречка за валоризирање на напредокот на ниту една земја на патот кон Европската Унија и дека во тој контекст треба да се бара решението за нашата држава.
Како што информираат од кабинетот на Пендаровски, двајцата соговорници се осврнаа и на состојбите во Европската Унија и кај нас, а разменија мислења и информации и за случувањата во Авганистан.