Поранешниот министер во владите на ВМРО-ДПМНЕ, кој сега е еден од најгласните критичари на Мицкоски, не ја потврдува, но и не ја демантира информацијата за средба со експремиерот, во период кога повторно се разгоруваат несогласувања меѓу некогашни и сегашни функционери на десничарската партија
Нема потврда, ама нема ни демант за информациите за средба во Будимпешта на поранешниот македонски премиер Никола Груевски со Никола Тодоров, кој беше министер за образование и за здравство во неговите влади, а сега е жесток критичар на политиките на актуелниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христојан Мицкоски.
Тодоров не одговара на телефонски повици, откако денеска, во изјава за Телма, не потврдил, ама и не демантирал дека „неколку часа разговарал со Груевски во Будимпешта“. Тема на разговор, како што се посочува, биле случувањата во ВМРО ДПМНЕ, но детали не се откриваат. Соговорник близок до Тодоров посочил за Телма дека „се ќе биде јасно за два месеца“.
Информациите за средба во Будимпешта, доаѓаат ден откако Иницијативниот одбор, составен од противници на актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, го откажа вонредниот конгрес, на кој требаше да утврдува одговорноста на Мицкоски за поразот на ланските парламентарни избори. Иако претходно тврдеа дека обезбедиле присуство на две третини од делегатите од конгресот во Валандово (во декември 2017 г.), иницијаторите го откажаа конгресот десет дена пред датумот за кој го закажаа (28 март), со образложение дека се решиле на овој потег поради влошената ситуација со ковид-19.
Тодоров, формално, не фигурира како член на Иницијативниот одбор, кој се формираше по ланските избори. Конфликтот на ексминистерот со сегашниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, всушност, има подолга хронологија. Тодоров е во групата на оние кои беа исклучени од партијата поради различните ставови со раководството за референдумот за името и за донесувањето на уставните амандмани што произлегоа од Преспанскиот договор.
Во последните четири години, Тодоров не е активен учесник во политичките случувања, откако пролетта 2017 година се повлече од пратеничката функција, уште додека на чело на ВМРО-ДПМНЕ беше Груевски.
Поранешниот министер за здравство беше еден од најблиските соработници на Груевски во последните години од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, така што беше и вицепремиер во последната влада на оваа партија, како и еден од преговарачите во Пржино. Се спомнуваше и како можен наследник на Груевски на челната позиција во партијата. Сепак, Тодоров не се кандидираше на конгресот во Валандов, кога за лидер беше избран Мицкоски.
Тој неодамна изјави дека и сега нема лидерски амбиции, со оглед на тоа што кон крајот на годинава истекува мандатот на Мицкоски, така што веќе е закажан и редовниот изборен конгрес на ВМРО-ДПМНЕ, што ќе се одржи во ноември.
„Утре некој да ми каже – Нино, кандидирај се, ќе победиш на следниот конгрес, јас нема да се кандидирам. Зошто? Затоа што не сакам да победам на наместен конгрес“,
изјави Тодоров во ноември минатата година, во интервју на ТВ 21.
Затоа, пак, градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев, кој беше меѓу разрешените функционери на ВМРО-ДПМНЕ во периодот кога се носеа уставните измени што произлегоа од Преспанскиот договор, во неколку наврати по последните избори најави можност да се кандидира за лидерската позиција во партијата.
Во почетокот на годинава, во Будимпешта отпатува и Мицкоски, кој таму имаше средба и со унгарскиот премиер Виктор Орбан. Сепак, тогаш не беше отворено прашањето дали Мицкоски можеби се сретнал со својот претходник во ВМРО-ДПМНЕ Груевски, кој повеќеод две години е азилант во Унгарија, откако избега од правдата во земјава.