Претседателот на македонското Собрание учествува на конференција на спикери на парламенти на ЕУ, во организација на Националното собрание на Словенија, каде што апелирал за што поскоро започнување на преговорите за членство со Северна Македонија и Албанија
Претседателот на Собранието, Талат Џaфери, денес оствари средба со претседателот на Народното собрание на Бугарија, Никола Минчев, првпат откако тој дојде на чело на бугарскиот парламент.
Средбата се одржа во рамки на конференцијата на спикери на парламенти на ЕУ, во Брдо кај Крањ, во организација на Националното собрание на Словенија, а во рамки на словенечкото претседавање со Унијата – во втората половина од минатата година, додека Франција ја презема „палката“ од почетокот на оваа година.
Џафери, како што соопштуваат од неговиот кабинет, ја искористил можноста лично да му честита на Минчев за неговиот избор за претседател на Народното собрание на Бугарија и да му посака успех во текот на неговиот мандат. Од негова страна. како што се наведува, беше потенцирана иницијативата за отворена соработка на теми од взаемен интерес, како придонес кон унапредувањето на севкупната билатерална соработка меѓу двете држави.
Минчев, како што се наведува, бил согласен дека парламентите треба да ја продолжат соработката на сите нивоа и во тој контекст најавил скорешно формирање на група за пријателство во Народното собрание на Бугарија.
Оваа протоколарна средба завршила со покана за взаемни официјални посети на Џафери на Софија и на Минчев на Скопје.
Џафери, денеска и утре, учествува на конференцијата на спикери на парламенти на ЕУ, по покана од претседателите на парламентите на земјите членки на ЕУ.
Дискусијата на конференцијата е поделена во два панела: За улогата на парламентите во спроведувањето на политиките на вонредна состојба и начините за градење отпорност и заштита на демократското владеење, како и за улогата на ЕУ како гарант на стабилноста, безбедноста и просперитетот во регионот и поширокото соседство. Џафери е поканет да се обрати како воведен говорник на вториот панел.
Македонскиот спикери веќе имаше средба и со претседателот на парламентот на Словенија. Игор Зорчич. Џафери, како што соопштија од неговиот кабинет, за актуелните случувања во Северна Македонија, со посебен акцент на односите со Бугарија и чекорите преземени од државните институции, вклучително и Собранието, во однос на Украина.

Во тој контекст, Џафери апелирал за што поскоро започнување на преговорите за членство на Северна Македонија и Албанија, кои, како што се посочува, ги исполнија условите за почеток на преговори со ЕУ, а отворените прашања да се решаваат етапно во текот на преговорите.
„Овој апел беше во насока на спречување на понатамошниот пад на довербата кај граѓаните во Северна Македонија за членство во ЕУ и пробив на трети страни во општествено-политичкиот живот на земјата. Џафери, исто така, информираше и за усвоената Декларација за поддршка на територијалниот интегритет и суверенитет на Украина, со огромна поддршка од скоро сите пратеници во Собранието на Северна Македонија“,
се наведува во соопштението.
На маргините на конференцијата на претседатели на парламенти на земјите на ЕУ, Џафери ќе оствари билатерална средба и со потпретседателката на Националното собрание на Француската Република, Лаетита Сен-Пол.
Во меѓувреме, денеска во Софија,билатерална средба остварија и премиерите на С Македонија и на Бугарија, Димитар Ковачевски и Кирил Петков, во рамки на состанокот на премиери на земјите членки на НАТО од ЈИЕ.