Соговорниците на средбата во рамки на Бледскиот стратешки форум, се вели во соопштението, се согласиле дека пречките што се исправија пред овој процес може да се отстранат и за тоа постојат позитивни примери од поблиското минато
Премиерот Зоран Заев, денеска во рамките на Бледскиот стратешки форум, имаше средба со премиерот на Словенија Јанез Јанша, во функција на словенечкото претседателство со ЕУ и со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји.
Како што соопшти владината прес- служба, на средбата е заклучено дека проширувањето на ЕУ е приоритет на словенечкото претседателство и дека земјите од Западен Балкан треба што е можно поскоро да станат членки на Унијата.
Соговорниците, се вели во соопштението, се согласиле дека пречките што се исправија пред овој процес може да се отстранат и за тоа постојат позитивни примери од поблиското минато.
„Заедничка констатација на премиерите Заев и Јанша и на еврокомесарот Вархеји е дека нема простор за други опции освен европски Западен Балкан и дека Северна Македонија и Албанија треба да ги почнат преговорите час поскоро. На средбата беше кажано дека до крајот на годината има доволно време Бугарија и Северна Македонија да го изодат патот до решение кое ќе ја забрза европската интеграција на цел регион и дека решенијата подразбираат грижа за себе, но и грижа за другиот“,
се вели во сопштението од владината прес-служба за средбата.