Како што соопштија од владината прес-служба, на средбата била изразена посветеноста на процесот на проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан, со што беше потврден стратегискиот интерес на Унијата за ова прашање
Премиерот Зоран Заев, во рамките на агендата за учество на Самитот на ЕУ за Западен Балкан, заедно со претседателот на Бугарија, Румен Радев, имаа средба со францускиот претседател Емануел Макрон и канцеларката на СР Германија, Ангела Меркел.
На средбата, на која присуствувал и заменик-претседателот задолжен за европски прашања Никола Димитров, како што соопштија од владината прес-служба, била изразена посветеноста на процесот на проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан со што беше потврден стратегискиот интерес на Унијата за ова прашање.
„Премиерот Заев изрази благодарност за оваа определба и потенцираше дека е од огромно значење што лидери како претседателот Макрон и канцеларката Меркел преземаат чекори со кои ги помагаат изнаоѓањата на решенија за билатералните спорови кои влечат корени од минатото“,
се вели во соопштението.
На средбата, Заев го поздравил лидерството на претседателот Макрон и канцеларката Меркел и им се заблагодарил на Франција и Германија, кои гледаат напред кон иднината и што помагаат при решавањето на балканските спорови од минатото.
„Премиерот Заев на средбата ги изрази очекувањата и јасните определби на македонските граѓани за европска иднина на својата земја, потенцирајќи дека итно се потребни европски чекори од страна на сите земји членки на ЕУ со цел да не се дозволи разочарување на нашиот народ, а со тоа и зголемување на ризиците од засилување на ретроградните националистички струи. За време на разговорот беа изразени и заедничките подготвеност и интерес од Северна Македонија и од Бугарија да продолжи дијалогот меѓу двете земји со намера да се дојде до решение“,
соопштија од владината прес-служба.