На средбата се разговарало за понатамошната соработката меѓу двете партии, за регионалната соработка и дијалогот како клучни столбови за стабилност и европската иднина на Западен Балкан

Европските вредности и дијалогот за сите прашања се исклучително важни за државите во целиот регион и прогресивните партии треба да придонесат во јакнење на регионалната соработка и стабилноста на Западен Балкан.
Ова е потврдено на денешната средба меѓу генералните секретари на СДСМ и Движењето Самоопределување, Миле Зечевиќ Вардарски и Алим Рама. Зечевиќ и Рама на средбата биле придружувани од секретарот за меѓународна соработка во СДСМ Бојан Маричиќ, претседателот на СДММ Марко Михаилоски и од секретарот за меѓународна соработка од Самоопределување, Хајрула Чеку.
На средбата, која како што информираат од ценатрот за комуникации на СДСМ, се одржала во Приштина, Косово, се разговарало за понатамошната соработката меѓу двете партии, за регионалната соработка и дијалогот како клучни столбови за стабилност и европската иднина на Западен Балкан.
„Взаемно беше истакната заложбата за продлабочување на соработката меѓу партиите во рамки на ПЕС, откако Самоопределување стана придружна членка на Партијата на европски социјалисти, но и помеѓу политичките подмладоци“,
се додава во соопштението.
За заедничката средба информираа и од Движењето Самоопределување, кои на нивниот фејсбук-профил ги објавија фотографиите од, како што велат, пријателската средба.
„На оваа пријателска средба се разговараше за политичките случувања во нашите две земји и во регионот во целост. Нагласена е важноста на соработката меѓу нашите два субјекти кои се и заеднички членови на различни социјалдемократски платформи ширум Европа. Заедно ја утврдивме потребата за продолжување на патот на соработката меѓу двете организации како што имаме меѓу нашите два младински форуми“,
се вели во објавата на Фејсбук.