Посетата на Пезешкијан на Москва доаѓа пред инаугурацијата на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп в понеделник, кој најави дека ќе посредува за мир во Украина и ќе заземе поостар став кон Иран. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, отфрли каква било поврзаност со инаугурацијата на Трамп велејќи дека потпишувањето на договорот било планирано одамна
Рускиот претседател Владимир Путин и неговиот ирански колега Масуд Пезешкијан денеска во Кремљ одржаа разговори пред да потпишат договор за широка соработка и продлабочување на партнерството меѓу двете земји кои се соочуваат со остри санкции од Западот, пренесува „Гардијан“.

Како што соопштил официјален Кремљ, договорот за сеопфатно стратегиско партнерство ги опфаќа сите области, од трговија и воена соработка до наука, образование и култура.
Посетата на Пезешкијан на Москва доаѓа пред инаугурацијата на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп в понеделник, кој најави дека ќе посредува за мир во Украина и ќе заземе поостар став кон Иран, кој се бори со растечките економски проблеми и други предизвици, меѓу кои се вбројуваат и воените неуспеси во сферата на влијание во Блискиот Исток.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, отфрли каква било поврзаност со инаугурацијата на Трамп велејќи дека потпишувањето на договорот било планирано одамна.
Поздравувајќи го Пезешкијан додека седеа на разговорите, Путин рече дека новиот договор ќе даде дополнителен импулс во сите области на соработка меѓу двете земји.
Пезешкијан, кому ова му е трета средба со Путин откако во јули победи на претседателските избори во Иран, рече „документите претставуваат цврста основа за нашето напредно движење и ја нагласуваат стратегиската важност на врските со Москва“.
Иранскиот претседател истакна дека земјите од регионот треба сами да ги решаваат своите проблеми.
„Присуството на вонрегионални сили само ќе ги влоши тензиите и ќе ја дестабилизира ситуацијата“,
рече Пезешкијан, очигледно алудирајќи на Соединетите Американски Држави, оценува „Гардијан“.
