Предвидено е следната средба на Комисијата да се одржи кон крајот на февруари идната година во Скопје
Евентуални заеднички чествувања и препораки за македонските учебници за седмо одделение биле темите на разговорите на вчерашната и денешната средба одржана во Софија меѓу македонскиот и бугарскиот тим од Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, пренесува МИА.
Од македонскиот тим информираат дека средбата поминала во конструктивна работна атмосфера со интензивна расправа за прашања од делокругот на работатата на Комисијата.
„На средбата се разговараше за евентуални заеднички чествувања, за препораки за македонскитее учебници за седмо одделение, за утврдување на динамиката на работа за првото полугодие за 2025 година“,
се вели во соопштението од македонскиот тим на Комисијата, преенесува МИА.
Комисијата го усогласила и текстот за нацрт-записникот од 27. седница.
Предвидено е следната средба на Комисијата да се одржи кон крајот на февруари идната година во Скопје.
На крајот од октомври годинава се одржа првата средба на Комисијата откако македонскиот тим е со променет состав.
По завршување на средбата, претседателот на бугарскиот тим и копретседавач со Комисијата, Ангел Димитров, рече дека таа поминала со протоколарни и технички прашања, со запознавање меѓу двата состави и дискусија за принципите на работа.
Претходно средба на историската комисија со Бугарија беше одржана на 30 и 31 мај во Софија, а состанокот планиран во Скопје на 18 и 19 септември годинава беше одложен на барање на македонската страна.
За потсетување, Владата на почетокот на септември ги именуваше новите членови на Комисијата и за копретседател го назначи професорот Ванчо Ѓорѓиев, кој извесно време беше дел и од претходниот состав.
Досега Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Северна Македонија и Бугарија усвои препораки за заедничко чествување на пет историски лика – светите браќа Кирил и Методиј, свети Наум Охридски, свети Климент Охридски и цар Самуил и по пет препораки за измени во учебниците по историја за шесто одделение во Македонија и за петти клас во Бугарија.
Она што остана предмет на дискусија од претходните состаноци на Комисијата беа ликот и делото на Гоце Делчев, за кој историчарите од двете страни имаа речиси дијаметрално спротивни ставови, а отворени прашања има и околу настани и личности од средниот век.
Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања беше формирана како резултат на Договорот за добрососедство меѓу Северна Македонија и Бугарија потпишан на 1 август 2017 година.