Шефот на дипломатијата изрази жалење што актуелната бугарска влада влегува во рускиот наратив за дестабилизација на регионот на Западниот Балкан
Средба меѓу претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и бугарскиот премиер Росен Жељазков на маргините на Самитот на НАТО во Хаг веројатно нема да се случи. Ова од Хаг во изјава за ТВ Канал 5 го соопшти министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и изрази жалење за ваквиот развој на настаните.

„Жалам што по последните информации коишто ги имам, веројатно, тука во Хаг, нема да има средба помеѓу претседателката и премиерот на Бугарија“,
кажа Муцунски.
И покрај ова, тој нагласи дека македонската страна останува отворена и подготвена за дијалог на сите нивоа, од претседателско и премиерско до министерско ниво.
Изрази жалење и за тоа што актуелната бугарска влада, но и по она што денеска го покажале европратениците во Брисел, влегуваат во рускиот наратив за дестабилизација на регионот на Западниот Балкан.
„На Западниот Балкан стабилноста, меѓу другото, најлесно ќе му се обезбеди преку извесна европска интеграција на целиот регион. Сите овие постапки коишто ги гледаме во последните недели, во последните месеци, па и во последните денови, навлегуваат во еден наратив којшто има за цел да создаде дестабилизација на регионот на Западниот Балкан“,
рече тој.
Според министерот, само преку дијалог можеме да ги надминуваме предизвиците и да работиме на стабилизација на Западниот Балкан.
Инаку, средбата меѓу претседателката Сиљановска-Давкова и бугарскиот премиер Росен Жељазков се очекуваше да се случи на Самитот на НАТО во Хаг, што ќе значеше директен контакт на највисоко ниво меѓу македонската и бугарската страна.
Претходно и премиерот Христијан Мицкоски рече дека ако има каква било иницијатива за средба меѓу претседателката и бугарскиот премиер во Хаг, тоа треба да се прифати.
Министерот за историски чин го оцени тоа што Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) на Европскиот парламент денеска го усвои Извештајот за Северна Македонија за 2023 и 2024 година подготвен од австрискиот европратеник и известувач за земјава Томас Вајц.