Македонскиот премиер и еврокомесарот за проширување се согласиле дека се создадени услови за забрзување на процесот на наоѓање решенија на релација Скопје – Софија
Европската интеграција на Северна Македонија не смее да се одложува ниту еден ден повеќе и затоа е неопходно да се искористат француското претседателство и поволниот амбиент што постои за изнаоѓање решенија, порачаа премиерот Димитар Ковачевски и еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји на денешната средба во Лондон, која беше дел од работната агенда за учество на Инвестицискиот самит на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).
На средбата, на која присуствуваа и вицепремиерот Фатмир Битиќи и министерот Фатмир Бесими, премиерот Ковачевски и комесарот Вархеји се согласија дека се создадени услови за забрзување на процесот на наоѓање решенија на релација Скопје – Софија. Како што соопшти владината прес служба, во разговорот беше истакнато дека Западен Балкан е европски регион и дека интеграцијата на земјите од овој регион подразбира и нивно членство во Европската Унија.
Во контекст на новите глобални предизвици со кои се соочува светот, Ковачевски посочи дека Владата внимателно ја следи ситуацијата и ги презема сите активности за да се одржи постоечката поддршка на странските и домашните инвестиции, како и да се елиминираат потенцијалните негативни ефекти врз економска активност во земјата.
Во однос на утврдувањето и развојот на стратегиските инвестиции на полето на енергетска транзиција во државата и решавање на предизвиците од енергетската криза, еврокомесарот Вархеји најави соодветна поддршка за Северна Македонија преку европските институции.