На средбата е изразена надеж дека соработката меѓу Чешката Република и Северна Македонија, кои се активни НАТО партнери, ќе продолжи и како земји членки на Европската Унија
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, придружуван од министерката за одбрана, Славјанка Петровска, денеска се сретна со Маркета Пекарова Адамова, претседателка на Домот на пратениците на Парламентот на Чешката Република.
На средбата е изразена надеж дека соработката меѓу Чешката Република и Северна Македонија, кои се активни НАТО партнери, ќе продолжи и како земји членки на Европската Унија.
„На средбата е изразена силна поддршка за натамошната интеграција на Република Северна Македонија во Унијата и заеднички е оценето дека е потребно одговорно однесување од сите институции, како од Владата, така и од Парламентот, со цел земјата да го продолжи отворениот европски пат“,
се наведува во соопштението од владината прес служба.
Премиерот Ковачевски се заблагодарил за поддршката од Чешката Република, како еден од најотворените и најгласните поддржувачи на евроинтеграциите на нашата држава.
„Донесовме одлуки за добра иднина на нашата држава и на граѓаните. Владата, во оваа економска и енергетска криза прави чекори во интерес на граѓаните и посветени сме кон брза интеграција во Европската Унија. Сега сме фокусирани на скрининг процесот со ЕУ, којшто верувам дека ќе заврши успешно, по што сите политички субјекти и институции ќе треба да го преземат својот дел од одговорноста, за да се осигура европската иднина на Република Северна Македонија“,
рече премиерот Ковачевски се додава во соопштението.
На состанокот е посочено дека се цени поставеноста на надворешната политика на Северна Македонија, целосно на линија на Европската Унија, во однос на војната во Украина.
Заклучено е дека Европа е целосна заедно со државите од Западен Балкан, за постигнување одржлива стабилност и безбедност.
Во однос на ситуацијата во Украина, заеднички е констатирано дека застанувањето на страната на Украина е застанување на страната на демократијата и мирот во Европа и во светот и дека е неопходна солидарност помеѓу државите на европскиот континент, како во врска со ова прашање, така и во поглед на справувањето со последиците од војната, односно предизвиците на енергетски и економски план.
На средбата, се додава во соопштението, министерката Петровска нагласи дека е одлична соработката помеѓу Северна Македонија и Чешката Република во областа на одбраната, а заедно со претседателот на Владата, Ковачевски ја истакнаа важноста и од заедништвото помеѓу НАТО членките во поглед на ситуацијата во Украина и надминувањето на безбедносните предизвици на глобален план.