Овие денови ќе се донесе конечна одлука за отворање на границите. Но министерот за надворешни работи Никола Димитров рече дека е неблагодарно да се предвидува кога ќе се случи тоа, поради непредвидливоста на ситуацијата со пандемијата.

„Ќе разговараме поинтензивно овие денови и во рамките на ситуацијата со вирусот и ситуацијата во регионот, овие денови треба да пресечеме и да ја донесеме таа одлука. Мислам дека таква одлука треба да се очекува во текот на овој месец, иако е малку неблагодарно ова да се предвидува со оглед на непредвидливоста на пандемијата“,
изјави Димитров на прес-конференцијата по средбата со српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ во Ниш.
Темата за отворање на границите меѓу двете земји била една од неколкуте за кои тој и Дачиќ разговарале.
„Имајќи предвид дека ниту Србија ниту Северна Македонија не се изолирани острови и сите тие одлуки е важно да ги систематизираме и да знаме во регионот кој какви прописи има, бидејќи тоа луѓето пред се ги интересира. За нас е битно како и во кој правец ќе се одвива нашата комуникација со Северна Македонија и дали луѓето ќе може да патуваат, поради што на состанокот беа присутни и епидемиолози, од чии ставови зависат и нашите политички одлуки во поглед на границите“,
кажа Дачиќ.
Тој потсети дека Србија на 22 мај ја отвори границата за македонските државјани без никакви ограничувања.
Покрај ова, Димитров и Дачиќ разговарале и за евроинтеграциите, мини шенгенот и за унапредување на билатералната соработка.
Димитров рече дека Северна Македонија и Србија имаат среќа што блискоста, врските и пријателството меѓу двата народа е толку цврсто што и покрај повремените напори на политиката, не успеваат да направат никаква штета на тоа пријателство.
Тој истакна дека е важно „што за прашања за кои немаме исти ставови и имаме недоразбирања, важно е да бидеме блиски и да комуницираме и да го зацврстиме пријателството.“
Дачиќ оцени дека Србија сака да ги јакне односите со Северна Македонија, на сите полиња, и во поглед и на мал шенген, даде поддршка на евроинтеграциите кои треба да бидат поинтензивни, најавувајќи дека в петок во Грција со шефот на дипломатијата Дендиас ќе разговара и за организирање на трилатерален состанок меѓу Грција, Северна Македонија и Србија на островот Крф, на ниво на шефови на дипломатии.
