Односите меѓу државите секогаш треба да се темелат на меѓусебно почитување и искреност. Се надевам дека преку оваа посета, господине секретар, ќе дадете повеќе позитивен придонес за стабилизирање на кинеско-американските односи, рече Си по получасовната средба со Блинкен

Американскиот државен секретар Антони Блинкен, на вториот ден од посетата на Кина, се сретна со кинескиот претседател Си Ѓинпинг, во услови на зголемени тензии меѓу двете светски велесили, а како потенцијално клучен чекор кон зацврстување на американско-кинеските врски.
Си ги опиша разговорите како „многу добри“ и рече дека двете страни постигнале напредок и договор за некои специфични теми.
„Односите меѓу државите секогаш треба да се темелат на меѓусебно почитување и искреност. Се надевам дека преку оваа посета, господине секретар, ќе дадете повеќе позитивен придонес за стабилизирање на кинеско-американските односи“,
рече Си по получасовната средба со Блинкен.
Ова е првата посета на американскиот државен секретар на Кина од 2018 година.
Соопштувањето на веста дека Си ќе разговара со Блинкен се смета за посебен гест и знак дека Пекинг има намера да ги намали тензиите што нагло се зголемија меѓу двете спротивставени сили.
Разговорот со Си доаѓа по два дена интензивна билатерална дипломатија.
Блинкен претходно денеска се сретна со највисокиот официјален претставник на надворешната политика на Пекинг, Ванг Џи.
Кинескиот дипломат Ванг Џи, како што јавуваат тамошните државни медиуми, изјавил дека односите меѓу двете земји се на најниско ниво поради погрешните перцепции на САД за Кина.
Нагласил дека двете земји мора да изберат меѓу „соработка или конфликт“.
Блинкен, кој е во Кина втор ден по ред, претходно се сретна и со министерот за надворешни работи Чин Ганг, со кого разговараше повеќе од шест часа потврдувајќи ја согласноста за продолжување на разговорите на високо ниво.
Двете страни потврдија дека Чин ја прифатил поканата на Блинкен да го посети Вашингтон, но Пекинг јасно стави до знаење дека кинеско-американските односи се на најниската точка од воспоставувањето, а истиот став го делат и американските власти.