Српската влада соопшти дека од денеска забраната за собирање на повеќе од 100 луѓе на затворен простор се однесува и на приватни прослави како свадби, крштевки, родендени и други традиционални манифестации.
Забраната за собири на повеќе од 100 луѓе во угостителските објекти како што се ресторани, кафеани, дискотеки во земјата се на сила од пред два дена.
„За јавни собири кои подлежат на мерките се сметаат оние кои се одржуваат во затворен простор со културни, забавни, хуманитарни, економски, научни и социјални содржини. Како и оние за изразување, остварување и промовирање на политички и други уверувања и цели, како и одржување на спортски активности. Тука припаѓаат и верските собири, но и свадби, крштевки, родендени“,
се вели во соопштението на Владата на Србија.
Премиерката на земјата, Ана Брнабиќ, рече дека сè уште немаат причина за да ги затворат градинките, училиштата и факултетите. Според неа, ова прашање го разговарале и со претседателот Александар Вучиќ, но дополнително ќе известат за одлуката.
„Засега ставот е дека нема никакви стручно оправдување, ниту стручна основа, во овој момент да ги затвориме училиштата, градинките и факултетите. Тоа би било контрапродуктивно“,
рече Брнабиќ.
Таа им се обрати на вработените во воспитно-образовните институции и на родителите и побара од нив да разберат дека овие препораки се носат врз основа на стручни совети.
Сепак, додаде Брнабиќ, тоа прашање уште еднаш ќе го разгледаат во текот на викендот, а во понеделник ќе донесат конечна одлука.