Во последните 24 часа во Србија се регистрирани уште 276 лица заразени со ковид-19, а три лица починале, со што вкупниот број на жртви е зголемен на 277, објавено е денеска на интернет-страницата „Ковид-19.рс“.
Во исто време, расте и бројот на лица на респиратор и денеска има 42, што е за шест повеќе од вчера, додека вкупно се активни случаи со ковид-19 се 1 625 лица.
Во изминатите 24 часа тестирани се 8 377 лица, а вкупниот број на тестирани досега изнесува 401 240.
Од почетокот на епидемијата во Србија се регистрирани 14 564 случаи на новиот коронавирус, а починале 277 лица.
Во моментов најголем број заразени според бројот на жители има во Нови Пазар. Во Крагуевац поради порастот на заразени е воведена вонредна состојба, според која забрането е собирање на повеќе од 5 лица и на отворено и на затворено, забранети се свечености и спортски манифестации, а кафеаните ќе работат од 7 до 20 часот. Затворени се и базените, спа и велнес-центрите.
Од денеска на Клиниката за ортопедија во Нови Сад е отворено специјално ковид-одделение.
Од денеска во Белград е задолжително носење маски во сите затворени простории и во јавниот превоз.