Епидемиологот наведува дека во Србија може да се продолжи со намалување на бројот на новозаразени, но дека тоа зависи од тоа колку граѓаните ќе ги почитуваат мерките

Српскиот епидемиолог Бранислав Тиодоровиќ, кој е дел од Кризниот штаб, денеска најави дека веројатно на пролет во Србија ќе се препорача и четврта доза од вакцината против ковид-19.
Во изјава за „Блиц“ тој вели дека имунизацијата против коронавирусот во иднина би можела да се одвива два пати годишно.
„Делта плус сојот почнува да дава негативни ефекти во Европа, се зголемува бројот на заразени, па имаме примери во земји каде ситуацијата беше релативно мирна, како Холандија и Данска, да се забележи зголемување на бројот на новозаразени. Германците исто така имаат проблем“,
вели Тиодоровиќ.
Епидемиологот наведува дека во Србија може да се продолжи со намалување на бројот на новозаразени, но дека тоа зависи од тоа колку граѓаните ќе ги почитуваат мерките.
Според официјалните податоци, во последните 24 часа во Србија починале 55 лица, а регистрирани се 3 219 позитивни случаи од 16 864 тестирани граѓани.
Вкупниот број на смртни случаи од почетокот на епидемијата изнесува 11 062, а бројот на заразени 1 225 242.