Актерката Милена Радуловиќ го обвини својот поранешен наставник по глума, Мирослав Мики Алексиќ, за силување пред неколку години, кога таа била малолетна
Овој случај во Србија наликува на она што во САД го покрена движењето #metoo, кога во октомври 2017 година десетици жени јавно го обвинија познатиот филмски продуцент Харви Вајнстин за сексуално малтретирање
Српската актерка Милена Радуловиќ (25) излезе во јавноста со потресно сведочење дека била жртва на силување од својот наставник по глума кај кого земала приватни часови седум години по ред, пред да се запише на драмскиот факултет во Белград. Во интервју за „Блиц“, таа вели дека насилството се случувало пред неколку години, кога таа била на возраст од 17 години, и го обвини својот наставник Мирослав Мики Алексиќ (68) дека тоа го направил во повеќе наврати, но и дека не е единствена негова жртва.
Нејзиното сведочење во јавноста одекна како бомба и е во најважните вести што го обиколија Балканот во изминативе два дена. По нејзините изјави, според српските медиуми, уште пет девојки го пријавиле Алексиќ за сексуална злоупотреба, меѓу нив и девојки кои сè уште се малолетни. По објавувањето на интервјуто, српската полиција го приведе Алексиќ, а денеска треба да биде изнесен на распит пред обвинителството.

Алексиќ е познат сценарист и режисер и досега важеше за голем авторитет во актерските кругови. Низ „негови раце“ поминале многу имиња кои се носители на филмската и театарската сцена во Србија, како Никола Којо, Никола Ѓуричко, Виктор Савиќ, Марија Бергам, Мирјана Јоковиќ, Бојана Малјевиќ и други. За него и досега се зборувало дека имал чудни методи на предавањата, но многумина ги оправдувале бидејќи од неговата приватна школа по глума се излезени најдобрите актери од српската сцена.
Радуловиќ во сведочењето појаснува дека секој час кај Алексиќ почнувал со божја молитва, тврдел е религиозен, но имал строги и груби методи. Таа вели дека тој правел и строга селекција за тоа кои деца ќе може да ги посетуваат неговите часови, а на родителите, освен на запишувањето, потоа не им дозволувал да се сретнуваат со него.
„Велеше дека родителите се однесуваат како да се владетели над своите деца, а сметаше дека децата се мали луѓе кои треба сами да размислуваат. Чудни беа неговите методи, но родителите наоѓаа оправдување за нив“,
вели Радуловиќ.

Таа сподели дека и неколку години по сексуалната злоупотреба посетувала психијатар за да може да ја надмине траумата и, иако тоа е тешко, вели дека одлучила сега да ја каже вистина со цел да престане злоупотребување и насилството и кон други негови ученички. Радуловиќ подолго време се подготвувала за овој чекор, вели дека не е лесно ваков чин да се признае првенствено пред себеси, а уште потешко е да се изнесе во јавност. Сега, откако таа веќе не е анонимна девојка и е добро етаблирана актерка и работи на многу филмови и во Русија, смета дека важно е нејзиното сведочење за да може да се заштита малолетните жртви.
Радуловиќ вели дека по она што го преживеала морала да помине низ различни фази, прво чувствувала срам и немоќ, а потоа и вина што не можела да се одбрани.
„Тој манипулираше со нас и имаше вештина да всади чувство на одговорност, соучесништво и вина. На крајот, чувствував страв дека во тоа ќе останам сама. Во моментот кога тоа се случуваше не бев свесна за последиците, тоа доаѓа подоцна, ми ја одзеде сета самодоверба и сигурност“,
вели Радуловиќ.
Според неа, во ноември минатата година била контактирана од нова малолетна жртва, па заедно се поврзале со уште неколку девојки и одлучиле дека мора да го спречат Алексиќ.
Сопругата на Алексиќ, Билјана Масиќ, е позната актерка и професорка на Факултетот за драмски уметности во Белград. Таа во изјава за српските медиуми вели дека нема да го коментира случајот што ги потресе Србија и Балканот, туку ќе остави надлежните да го решат.
Радуловиќ била меѓу најталентираните актерки што ја поминале школата на Алексиќ, а подоцна во класата на неговата сопруга дипломирала со просек над 9. Многумина од јавните личности на Балканот ѝ дадоа поддршка на Радуловиќ.
Според полицијата, Алексиќ е приведен поради сомнение дека од 2012 до 2020 година, во просториите на неговата приватна школа, сексуално злоупотребувал најмалку пет негови ученички.

Овој случај во Србија наликува на она што во САД го покрена движењето #metoo, кога во октомври 2017 година десетици жени јавно го обвинија познатиот филмски продуцент Харви Вајнстин за сексуално малтретирање, вклучувајќи и силување. Тој константно ги негираше злосторствата, а ова беа првите обвиненија што го доведоа до судење. Во март минатата година, Вајнстин доби 23 години затворска казна, со што се заокружи драматичната пропаст на една од најмоќните фигури во Холивуд.