Србија ги заостри мерките за борба со коронавирусот и од денеска во наредните десет дена ќе бидат во сила рестрикции што предвидуваат пократко работно време на одредени економски субјекти.
Рестораните, кафулињата, баровите, клубовите, трговските центри, театрите, кината и други културни институции, како и приредувачите на специјални и класични игри на среќа, ќе смеат да работат до 18 часот.
Продавниците и другите малопродажни објекти ќе бидат отворени до 21 часот.
Аптеките, бензинските пумпи и угостителските објекти што доставуваат храна можат да работат без ограничувања.
„Сите продавници што не се наоѓаат во трговски центри, како што се бутиците во белградската улица ’Кнез Михајлова‘ или фризерниците во соседството, но и многу занаетчии, пак, ќе можат да работат, како и во претходната одлука, до 21 часот“,
изјави за „Блиц“ градскиот секретар за одбрана, вонредни ситуации, комуникација и координација на односите со граѓаните Дарко Главаш.
Тој исто така изјави дека по 18 часот, а најдоцна до 21 часот, ќе можат да работат банките, покрај оние лоцирани во трговските центри.
Пропишана е и мерка за забрана на јавни собири во затворено и на отворено на повеќе од пет лица, освен во работните средини, училиштата и продавниците за кои важи ограничувањето според квадратурата на објектот – едно лице на 4 квадрати метри.
Превозот во градските автобуси е ограничен на половина патници од вкупниот капацитет, а од денеска во Белград ќе се вклучат 236 возила повеќе за да се намалат метежите.
