Шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ денеска изјави дека Србија ќе ги отвори своите граници со Црна Гора, Северна Македонија, Босна и Херцеговина и Албанија од 1 јуни, но дека чекаат потврда од соседните земји дали нивните граници ќе бидат отворени за српските граѓани, јави МИА од Белград.
„Нивните граѓани ќе можат да влезат во Србија, но тие земји мора да ни одговорат дали нашите граѓани ќе можат да одат таму. Тие сè уште не ни одговориле“,
изјави Дачиќ на ТВ Прва.
Тој најави дека и Србите и странците ќе можат слободно да влезат и да ја напуштат Србија, без карантин, тестови и дозволи што порано им беа потребни на странците.
„Идејата на овие четири земји е да се договориме да имаме отворен граничен систем и дека не е неопходно луѓето да одат во карантин 14 дена, веројатно и без тестови“,
изјави Дачиќ додавајќи дека четвртата земја, Романија, нема да учествува во првите договори поради внатрешнополитичката криза.
Тој оцени дека во целиот свет постои желба што поскоро да се отворат границите поради летната туристичка сезона, од која зависи приходот на многу земји и сега е време да се живее со вирусот, а не да се парализира светот.
Министерот за здравство Венко Филипче, денеска, конкретно за одлуката на Србија да ги отвори границите рече дека ќе се чека одговорот од Грција за тоа како нашата земја ќе го регулира тоа, а потоа ќе се разговара и со останатите соседни земји.
За отворањето на нашите граници тој оцени дека засега е прерано.
