Информацијата за усвоениот патоказ за имплементација на енергетскиот договор на Твитер го соопшти специјалниот претставник на Европската Унија за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, кој додаде дека ова е голем чекор напред
Косово и Србија Србија во Брисел го усвоија патоказот за имплементација на енергетскиот договор, соопшти специјалниот претставник на Европската Унија за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, а јави дописникот на МИА од Белград.
„Со големо задоволство можам да соопштам дека Косово и Србија штотуку усвоија патоказ за имплементација на енергетските договори во рамките на дијалогот со посредство на ЕУ. Ова е голем чекор напред“,
напиша Лајчак на Твитер.
Very pleased to announce that Kosovo and Serbia just adopted the Energy Agreements’ Implementation Roadmap in the framework of the EU-facilitated Dialogue. This is a major step forward. pic.twitter.com/QbY3W7uyrs
— Miroslav Lajčák (@MiroslavLajcak) June 21, 2022
Тој го објави и патоказот за спроведување на енергетските договори, кој има девет точки.
„За надминување на кризата и проблемите во енергетскиот сектор, а имајќи ги предвид договорите за енергетика од 8 септември 2013 година и заклучоците на посредниците на ЕУ за имплементација на енергетскиот договор од 2013 година од 25 август 2015 година, страните се договорија за патоказот“,
се наведува во документот.
Жителите на четири општини во северно Косово – Северна Митровица, Лепосавиќ, Звечан и Зубин Поток – од кои повеќето се припадници на српската заедница, не ги плаќаат сметките за струја повеќе од две децении.
Во 2013 година Косово и Србија постигнаа договор за енергетика во рамките на дијалогот за нормализација на односите, а потоа во 2015 година беа договорени заклучоците. Според тие договори, наплатата на струјата на северот требаше да ја врши фирмата „Електросевер“, која никогаш не беше формирана.
Според податоците на Косовскиот оператор на електропреносен систем (КОСТТ), загубите само во 2021 година достигнале 40 милиони евра.
Косовската компанија за дистрибуција на електрична енергија (КЕДС), која е управувана од турски конзорциум од 2013 година, има ексклузивни овластувања за дистрибуција на електрична енергија низ Косово, за управување и одржување на теренските средства.