Кинеската вакцина се уште не е одобрена во Србија, поради што нејзината примена може да започне во недела или понеделник
Авион со товар од еден милион дози од кинеската вакцина „Синофарм“ утрово слета на белградскиот аеродром.
Десетте контејнери ги пречека претседателот на државата Александар Вучиќ, министерот за здравство Златибор Лончар, шефот на БИА, Братислав Гачиќ и кинескиот амбасадор во Србија, Чен Бо.
Вучиќ притоа најави дека тој најверојатно ќе ја прими кинеската вакцина во наредните денови за да покаже дека е безбедна за населението.
Кинеската вакцина се уште не е одобрена во Србија, поради што од Кризниот штаб за сузбивање на епидемијата на вирусот, претходно изјавија дека нејзината примена може да започне во недела или понеделник.
Вакцината на кинескиот производител „Синофарм“ е третата вакцина што ќе се користи во Србија, по „Фајзер“ и руската „Спутник Ви“.
Србија соопшти дека досега се вакцинирани околу 19 000 лица.
Вучиќ најави дека в понеделник ќе пристигнат уште 19 500 дози од вакцината на „Фајзер“, а во вторник уште 250 000 на вакцината „Спутник Ви“, а меѓу приоритетните за вакцинирање ќе бидат и новинарите.