Што се однесува з крајот на пандемијата, директорот на „Гамалеја“ не е премногу оптимист велејќи дека „засега само почнуваме да го гасиме пожарот, додека огнот веќе гори“
Истражувањето на руската вакцина „Спутник лајт“ покажа дека лицата кои ја примиле вакцината како трета доза ќе бидат 100 отсто заштитени од сојот омикрон во текот на три месеци, изјави за телевизијата „Русија 1“, Александар Гинцбург, директорот на Институтот „Гамалеја“ кој ја разви оваа вакцина.
Тој изјави дека 75 отсто од вакцинираните со „Спутник В“ имаат антитела кои го неутрализираат сојот омикрон.
„Ако се погледне крвната плазма на луѓето кои примиле засилувачка доза ’Спутник лајт‘, може да се забележи дека тие имале 100 отсто антитела кои го неутрализираат вирусот три месеци по примањето на третата вакцина“,
истакна Гинцбург.
Што се однесува з крајот на пандемијата, директорот на „Гамалеја“ не е премногу оптимист.
„Не се осмелувам да тврдам дека ова е последната фаза. Додека разговарам со вас, се појавуваат бесконечен број нови видови на ковид-19. Засега само се бориме со последиците, почнуваме да го гасиме пожарот, додека огнот веќе гори“,
додаде Гинцбург.
Прелиминарните резултати кои беа објавени пред повеќе од еден месец, пак, покажуваа дека заштитата од омикрон со „Спутник лајт“ е 80 отсто, меѓутоа тие беа објавени како сумирани резултати без наведување дали се однесуваат за три месеци или подолг период по примање на бустер дозата.
Руското Министерство за здравство, претходно веќе ја препорачува „Спутник лајт“ како бустер доза шест месеци по вакцинирањето со „Спутник В“.