„Со анализата за 2024 година утврдивме дека: со ребалансот на буџетот и со одлуката за прераспределба на средства помеѓу буџетските корисници на централната власт и помеѓу фондовите, одобрениот буџет за Судска власт е намален за 42 639 000 денари, иако со член 4 од Законот за судскиот буџет е уредено дека во случај на ребаланс на буџетот средствата наменети за финансирање на судската власт не може да се намалуваат“, се наведува во извештајот на Државниот ревизор за Основниот буџет за 2024 година, објавен денеска
Судската власт и Јавното обвинителство не ги добиле потребните средства за работа од Основниот буџет за 2024 година, а кои се предвидени со Законот за судскиот буџет и Законот за јавното обвинителство. Средствата, согласно потребите на судството и обвинителството, не се обезбедни ниту со ребалансот на буџетот, туку дополнително се намалени.

Ова го нотира Државниот завод за ревизија (ДЗР) во извештајот за Основниот буџет за 2024 година, насловен „Идентификувани слабости во планирањето, прераспределбата и реализацијата на буџетските средства за 2024 година“.
Како што кажува и самиот наслов, станува збор за ревизија на ДЗР на усогласеност на Основниот буџет на државата за минатата година во однос на планирањето, подготовката, донесувањето и неговото извршување.
Така, во воведните пасуси државниот ревизор посочува дека разликите меѓу максимално утврдените расходи од Владата, побараните средства од буџетските корисници и одобрените средства со Буџетот укажуваат на ризикот дека донесениот буџет од Министерството за финансии „може да не ги одразува реалните потреби на буџетските корисници за реализација на поставените цели“.
Во овој дел, во извештајот на ДЗР се нотира дека со Основниот буџет за 2024 година не се обезбедени законски предвидените средства за Судската власт, Јавното обвинителство и рамномерен регионален развој, а кои се предвидени со Законот за судскиот буџет, Законот за јавното обвинителство и Законот за рамномерен регионален развој.
„Со анализата за 2024 година утврдивме дека: со ребалансот на буџетот и со одлуката за прераспределба на средства помеѓу буџетските корисници на централната власт и помеѓу фондовите, одобрениот буџет за Судска власт е намален за 42 639 000 денари, иако со член 4 од Законот за судскиот буџет е уредено дека во случај на ребаланс на буџетот средствата наменети за финансирање на судската власт не може да се намалуваат“,
се наведува во извештајот на државниот ревизор.


Што се однесува на реализацијата на потпрограмата за рамномерен регионален развој, од ДЗР посочуваат дека тие треба да изнесуваат најмалку еден процент од бруто-домашниот производ (БДП), но од она што го утврдиле ревизорите за 2024 година, одобрените средства преку Министерството за локална самоуправа и Бирото за регионален развој изнесуваат само, 0,08 отсто од БДП, или 0,01 отсто помалку во однос на 2023 година.
„Податоците од Секторот за буџет и фондови упатуваат дека преку програмите кои се реализираат од повеќе институции, овие средства достигнуваат до 1% од БДП за 2023 година и се значајно помали во однос на реализираните во 2023 година кога биле реализирани 3,15% од БДП за 2022 година“,
се наведува во извештајот.
Воедно, како што е нотирано, најголемо отстапување меѓу максимално утврдениот износ на расходи и одобрените средства е утврдено во разделот за Владата и Бирото за регионален развој.
Како и за претходните години, и во овој извештај наодите на ДЗР се дека Министерството за финансии нема доставено Извештај за причините за неусогласените буџетски барања до Владата.
Во таа насока ревизорите укажуваат на потребата од зајакнување на постапката за усогласување на предлозите на буџетските барања помеѓу Министерството за финансии и буџетските корисници заради минимизирање на ризикот планираните средства да не ги отсликуваат реалните потреби на буџетските корисници, но и поради потребата Владата да биде информирана за причините за неусогласеност на бараните и одобрените средства на буџетските корисници.
Инаку, во наодите на извештајот се анализирани и вкупните приливи од задолжување во земјата и во странство во 2024 година. Според ДЗР, нивното учество во вкупните приходи на Основниот буџет е 33,5 отсто, што е зголемување за 2,5 отсто во споредба со 2023 година.
„Приливите од задолжување во земјата учествуваат со 56% во вкупните приливи по основ за задолжување на државата и бележи зголемување на нивното учество во структурата на задолжувањето во однос на 2023 година кога истото изнесувало 45%, додека остварените приливи по основ на задолжување во странство во износ од 42 975 791 000 денари се за 4% помалку во однос на 2023 година“,
се вели во извештајот.
Во однос на изворите од каде Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Северна Македонија (ФПИОСМ) ги обезбедува средствата за исплата на пензии и во 2024 не забележал подобрување во однос на претходните две години – 2023 и 2022 година.
Според ДЗР, за покривање на дефицитот на пензискиот фонд од Основниот буџет во 2024 година биле исплатени 23 119 600 000 евра, што е 26 отсто од вкупните средства на Фондот за исплата на пензии. Ова, велат од ДЗР, укажува на потребата од финансиска поддршка на Фондот за ПИОСМ за исплата на пензиите во државата.
Ревизорите, во овој дел нотираат дека од буџетот биле издвоени повеќе пари за пензии во 2024 година, споредено со претходната, а една од причините за тоа е и линеарното зголемување на пензиите.
„Вкупните расходи за исплата на пензии во 2024 година во однос на 2023 година бележат зголемување за 16,27%, како резултат на извршеното усогласување на пензиите на 01.03.2024 година од 5,3%, на линеарното зголемување на пензиите од 2.500 денари почнувајќи од 01.09.2024 година, како и на приливот на нови корисници на пензија“,
се наведува во извештајот.

Државниот завод за ревизија утврдил и дека државниот долг на 31 декември 2024 година изнесувал околу 8,3 милијарди евра или нешто повеќе од една милијарда евра во споредба со 2023 година, кога бил 7,2 милијарди евра.
„Состојбата на државниот долг на 31.12.2024 година изнесува 53,8% од БДП и е зголемен во однос на 2023 година кога истиот изнесуваше 49,8% од БДП“,
велат од ДЗР.
Јавниот долг, според податоците на Министерството за финансии, на 31 декември лани изнесувал околу 8,5 милијарди евра и бил зголемен за 1,1 милијарда евра во споредба со претходната година.
„Состојбата на јавниот долг во однос на БДП на 31.12.2024 година изнесува 62,4% и зголемен е во однос на 2023 година кога истиот изнесуваше 58,1%“,
се посочува во извештајот.

