Од 1 декември во продажната мрежа ќе може да се купат само кеси што задоволуваат посебни критериуми за биоразградливост, велат од МЖСПП за „360 степени“
Од среда 1 декември кесите во продажната мрежа ќе чинат најмалку по 15 денари од парче.
Од Министерството за животна средина и просторно планирање велат за „360 степени“ дека целта на одлуката за зголемување на цената на пластичните биоразградливи кеси е донесена токму со цел граѓаните да се одвикнат од купување пластични кеси и генерално да се намали употребата на пластика, така што купувачите ќе си носат со себе кеси од еколошки материјали за повеќекратна употреба.
Новите пластични кеси, кои ќе чинат по 15 денари од парче, како што велат од Министерството за животна средина, ќе задоволуваат посебни критериуми за биоразградливост. Доколку одредени продавници набават поквалитетни кеси, за повеќекратна употреба, како што објаснуваат од Министерството, тие ќе можат да се продаваат и по повисока цена, со тоа што 15 денари нужно ќе треба да се уплатат за заштита на животната средина.
Во однос на оваа одлука, која беше донесена минатиот месец, министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини истакна дека сумата што ќе се собере од овие по 15 денари за секое купување пластично ќесе ќе отиде во посебен фонд од кој ќе се инвестира во животната средина, но и ќе се инвестира во совеста на граѓаните како да менаџираме со отпадот во нашата држава.
„Идејата е тој што загадува, да плати. На тој начин производителите кои ќе донесат производи во нашата држава треба да контрибуираат и во тоа, и со ова ќе се натера да придонесат за инфраструктурата со различни контејнери во нашата држава, каде што ние како граѓани ќе ги селектираме отпадоците“,
појасни тогаш Нуредини.
Освен покачувањето на цените на пластичните кеси, од среда, 1 декември, ќе биде забранета пластика за еднократна употреба во угостителските објекти во заштитени зони, како Пелистер, Маврово, Шар Планина итн.