На граничните премини биле открени и запленети и златен наки, обувки, ремчиња за смарт часовници

Царински службеници спречиле обид за криумчарење на 210 вијали со ботулински токсин за инјектирање – супстанца која се користи во медицината и е под строг режим на увоз.
Инјекциите, како што велат од Царинската управа, биле откриени на граничниот премин „Деве Баир“, при контрола на автобус што сообраќал на релација Истанбул – Призрен.
Во патната торба на осомничениот патник биле пронајдени 170 вијали „DYSPORT 500“ и 40 вијали „MASPORT 500“, и двете со ботулински токсин тип А.
Од Царинската управа велат дека одделението за истраги при Секторот за контрола и истраги против лицето поднело кривична пријава за криумчарење до надлежното Основно јавно обвинителство, а производите се запленети.
На меѓународниот аеродром „Скопје“, пак, биле запленети 44 пакувања со вкупно 2 580 капсули суплементи „аfye“. Капсулите биле пронајдени во куферот на холандски државјанин, кој, пристигнувајќи со лет од Измир, се упатил кон зелениот канал со намера да ја избегне царинската контрола.
Мобилен царински тим на граничниот премин „Богородица“ запленил златен накит вреден 1,3 милиони денари.
Од Царина велат дека накитот е откриен при контрола на автобус на влез во државата, кај две патнички македонски државјанки со живеалиште во Холандија, а кои патувале на релација Турција – Македонија.
При контролата на багажот и при личен претрес на патничките, било пронајдено злато од 22 и 14 карати, во вкупна тежина од 304 грама, како и сертификати за гаранција на златото. За овој накит, требало да бидат платени 481 илјада денари давачки кон државата.
Царинските службеници откриле и заплениле и обувки со потпис на заштитени трговски марки, ремчиња за смарт часовници, кои не биле опфатени со царинските документи, делови за земјоделски машини и штеки со цигари.