Царинската управа на граничните премини Табановце и Богородица спречила обиди за внес на цигари и тутун во лист наменети за нелегална продажба на македонскиот пазар.

На граничниот премин Табановце на влез од Република Србија се запленети 16,5 тони цигари, а на граничниот премин Богородица, на влез од Грција – 13 тони тутун во лист.
На Табановце, при контрола на товарно моторно возило се пронајдени 1.000 пакети со нелегални цигари, со вкупна тежина од 15.000 килограми. Во секој пакет имало спакувано по 50 штеки или вкупно 10 милиони парчиња цигари. Откриено е и комбе со 102 пакети со цигари, со тежина од околу 1.500 килограми или вкупно 1 милион парчиња цигари.

Од Царинската управа велат дека се разботи за цигари од кинеските марки, ASHIMA LUXORY SIZE и MARBLE DE LUXE.
На граничниот премин Богородица, царината запленила товарно моторно возило во кое се откриени 130 пакети во кои имало 14.300 килограми со тутун во лист. Запленетиот тутун бил наменет за нелегална продажба како режан тутун на домашниот пазар.

„Доколку цигарите, односно тутунот се најдеа на домашниот пазар, со оглед дека станува збор за акцизни добра, државниот буџет ќе беше оштетен за околу 1 милион евра“,
велат од Царинската управа.
Цигарите и режаниот тутун се акцизни производи и кога ќе се најдат во малопродажба, мора да бидат обележани со контролни маркички. Тие се потврда дека за нив се платени давачките кон државата, но и дека е извршена контрола на квалитетот.

„Акцизите учествуваат со околу 22% во вкупните даноци кои ги прибира државата, а во буџетските приходи акцизите учествуваат со 13%, од кои над 5% се од цигари и тутунски производи. Со оглед на висината на буџетот која изнесува околу 3,4 милијарди евра, станува збор за значаен извор на приходи“,
појаснуваат од царината.
Против сторителите се поднесени соодветни кривични пријави.