Претходно од кабинетот на првиот вицепремиер во соопштение по средбата со евроамбасадорот наведоа дека ако спорот со Бугарија не се затвори сега може да се одолговлекува со години, а од друга страна може да влијае и на безбедноста на земјата и регионот

Артан Груби и Владата ја фрлаат државата во вештачка криза со издигнување на спорот со Бугарија на ниво на безбедносно прашање, реагира опозициската ВМРО-ДПМНЕ на соопштението од кабинетот на првиот вицепремиер по неговата средба со евроамбасадорот Дејвид Гир.
„Спорот со Бугарија не е безбедносно прашање, ниту спор кој има безбедносен карактер. Обидот на Груби и на власта да градат на таа теза преговори е поразително за државата. Македонија е земја членка на НАТО, и со тоа сите безбедносни прашања се затворени. Во рамки на границите на државата има Министерство за внатрешни работи кое ја чува безбедноста. Власта да не наоѓа изговори за нови отстапки и понижувања“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму велат и дека очекуваат Бугарија во духот на европските вредности и добрососедските политики да не ја попречува земјава кон ЕУ.
Од кабинетот на Груби, пак, претходно соопштија дека тој имал средба со Гир на која разговарале за евроинтеграцијата на земјава и дека е потребно што е можно поскоро надминување на спорот со Софија. Ако не се затвори спорот сега, пишуваше во соопштението, тој може да се одолговлекува со години и да го блокира евроинтеграцискиот процес.
„Од другата страна тоа може да влијае на безбедноста на земјата, регионот, но, исто така понапорно да се работи за повисок и подобар животен стандард на граѓаните“,
соопштија на кабинетот на првиот вицепремиер.