Во него имаше и спорни содржини, навредливи за Албанците. За жал, учениците со децении го користеа овој учебник, вели заменик-министерот за образование
Повлечен е од наставниот процес спорниот учебник по географија за втора година гимназиско образование, за кој имаше забелешки дека содржи навредливи квалификации за албанската заедница во земјава.
„Спорниот учебник по географија е повлечен, сите деца имаат право да учат од квалитетни учебници и наставни содржини“,
изјави денеска заменик-министерот за образование и наука Арафат Шабани,
Тој посочи дека министерката Мила Царовска денеска го потпиша решението на Комисијата со кое спорниот учебник се повлекува од настава.
„Во него имаше и спорни содржини, навредливи за Албанците. За жал, учениците со децении го користеа овој учебник. Повлекувањето на учебникот по географија е само првиот чекор во коригирањето на содржините од кои се образуваат учениците. Ќе се обидеме да ги отстраниме сите учебници кои содржат неточни и невистинити содржини. Подготвени сме да соработуваме со сите професори, наставници и стручни лица од образованието и науката, за нашите деца и новите генерации да добијат учебници и дидактички материјали со соодветна содржина“,
нагласи Шабани.
Комисијата која го дала предлогот за повлекување констатирала дека учебникот е преоптоварен со статистички и други податоци и факти кои не одговараат, согласно со дидактичко-методскиот пристап, за возраста на децата. Исто така, како што се наведува, во неколку наставни содржини во учебникот се нарушени начелата на неповредливост на културата, историјата и другите вредности на граѓаните на а Северна Македонија, што е спротивно на Законот за учебници за основно и средно образование.
Учебникот е одобрен по наставна програма од 2002 година.
