Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата денеска едногласно го предложи Максим Ацевски за главен државен ревизор.
Претседателот на Комисијата Илија Димовски посочи дека нејзините членови дошле до општоприфатливо решение – економистот од Велес, Ацевски, да биде предложен до Собранието за главен државен ревизор.
Димовски образложи дека е неопходно оваа институција да се комплетира пред изборите, за да може да ги врши своите законски и уставни надлежности.
Државниот завод за ревизија веќе две години е без главен ревизор, откако кон крајот на 2017 година ѝ истече мандатот на Тања Таневска. Во меѓувреме, со оваа институција раководеше заменикот Насер Адеми, но и неговиот мандат истече на 4 октомври, со што функционирањето на Заводот беше доведено во прашање.
Комисијата со месеци не можеше да обезбеди согласност за тоа кој да ја води институцијата, чија улога е контрола на државните институции. Власта нема мнозинство во Комисијата, но дополнително на тоа тешко одеа преговорите меѓу владините партнери СДСМ и ДУИ. Според денешната одлука на Комисијата, со изборот на Ацевски се согласува и опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Ацевски важеше за фаворит меѓу вкупно 12 пријавени за позицијата.
Но, во целата ситуација е проблем што на 4 април годинава против Ацевски во Државната комисија за спречување корупција е поднесена претставка за судир на интереси. Иако ДКСК на 1 ноември донела одлука да ја запре постапката, образложението фрла сериозна дамка врз професионалниот имиџ на Ацевски.
Повеќе детали за одлуката на ДКСК можете да прочитате ТУКА.