Старовиќ додаде дека Србија засега не може да се приклучи на санкциите против Русија поради „многу политички причини“, односно политичка и економска безбедност и потсети дека околните земји целосно се приклучиле на санкциите, но дека тоа „не е вреднувано од Брисел“
Наместо годинашниот извештај на Европската комисија (ЕК) за напредокот на Србија во евроинтеграцискиот процес да биде огледало за спроведените реформи во изминатата година, тој ќе биде одредена дисторзија во однос на тоа што треба да биде неговата суштина поради невоведувањето санкции на Русија, смета државниот секретар во српското Министерство за надворешни работи, Немања Старовиќ, пишува Н1.
„Се плашам дека ќе се стави многу поголем фокус на нешто што суштински, дури и формално, не е дел од нашите обврски од пристапниот процес, барем не на тој начин, а тоа е желбата на ЕУ и нејзините клучни членки Србија целосно да се усогласи со надворешната и безбедносната политика на ЕУ, односно да се приклучи на режимот на санкции против Русија“,
изјави Старовиќ.

Старовиќ оцени дека целиот извештај ќе биде „обележан со тие тонови“ што, според неговите зборови, претставува „одредено искривување во однос на она што треба да биде неговата суштина“.
„Направивме многу во однос на внатрешните реформи во изминатата година. Луѓето забораваат дека и ние спроведовме уставни измени. Ако тоа не се суштинските реформи кои не водат до полноправно членство во ЕУ, тогаш не знам какви би можеле да бидат тие суштински реформи“,
рече државниот секретар.
Старовиќ додаде дека Србија засега не може да се приклучи на санкциите против Русија поради „многу политички причини“, односно политичка и економска безбедност и потсети дека околните земји целосно се приклучиле на санкциите, но дека тоа „не е вреднувано од Брисел“.
Дел од извештајот ќе биде посветен на процесот на нормализација на односите меѓу Белград и Приштина, каде што се наведува дека „нема конкретен напредок во сеопфатен и правно обврзувачки договор“ и каде двете страни се ангажирани во оваа работа, а Старовиќ посочува дека „не му се допаѓа“ таа формулација, оценувајќи дека е „лицемерна“.
„Да се каже такво нешто во година кога имаме јасно покажана шема на еднострано дејствување на Приштина, еднострани мерки кои по правило им штетат на Србите кои живеат на територијата на нашата јужна покраина, а кои по правило се носат надвор со закана од насилство е крајно и апсолутно несоодветно“,
истакна тој.