Потпретседателот на СДСМ, Методија Илиевски, обвини дека она што се случува во РЕК „Битола“ не е никаква саботажа, туку корупција од епски размер и местење тендери за неспособни партиски фирми. Од АД ЕСМ, пак, велат дека немало хаварија, туку извесно е дека се случила саботажа

РЕК „Битола“ веќе неколку дена е во колапс поради криминалните зделки и тендери на ВМРО-ДПМНЕ, обвини потпретседателот на опозицискиот СДСМ, Методија Илиевски, и додаде дека она што се случува во РЕК „Битола“ не е никаква саботажа, туку корупција од епски размер и местење тендери за неспособни партиски фирми.
„Тоа е саботажа врз државата и системот од страна на ДПМНЕ. Суштината на скандалот е следна, новото раководство на РЕК ‘Битола’, поставено од владата на ВМРО-ДПМНЕ и лично блиско до премиерот Мицкоски, потпишало рамковна спогодба вредна 150 милиони денари за чистење со фантомска фирма без ниту еден вработен. Компанија без техничка опрема, без кадар и без искуство. И како шлаг на тортата – управителот, неофицијално, е молер со кривична историја во Германија. И како што секогаш бидува, се случува хаварија во РЕК ‘Битола’, пожар. Блоковите испаѓаат од мрежата, а ЕСМ веднаш излегува со термин – ‘саботажа’. Но вистинската саботажа е од страна на директорите кои наместо да ангажираат сериозна фирма која може да ги испорача услугите за кои склучила договор од фантастични 2,5 милиони евра, тие ги тераат работниците сами да чистат. Чистат без соодветна опрема, без опис на работно место, без дополнителен надомест“,
вели Илиевски.

Илиевски рече дека тендерот е наместен така што РЕК ‘Битола’ распишал оглас со брутално прецизни и тешки услови за понудувачите.
„Бараат минимум 330 ангажирани работници, тешка механизација, логистика за 24/7 за интервенции. Сето тоа на хартија. Во реалноста – добива компанија која не може да ги исполни ни 1 отсто од тие услови, односно наместо да ги има вработените и опремата, фирмата склучува договор дека ако го добие тендерот, ќе ги обезбеди. Ова е скандал од невидени размери. Нормално, фирмата во меѓувреме не успеала да ги обезбеди потребните капацитети иако договорот е потпишан, па сега самите вработени во РЕК мора да чистат“,
тврди тој.
Тој упати прашања до премиерот Христијан Мицкоски.
„Кој ја потпишал оваа рамковна спогодба? Кој дозволил оваа фирма воопшто да влезе во процедура? Зошто јавноста е лажена и зошто документите се кријат? Дали ЕСМ ќе ја активира банкарската гаранција за неспроведените обврски? Наместо одговорност, гледаме партизација на институции и целосно поигрување со систем кој треба да обезбедува струја за граѓаните. Додека блоковите на РЕК стојат нечисти, струја ќе увезуваме, ќе ја плаќаме поскапо, а некој ќе профитира. Повторно истите – блиски до Мицкоски. Ги повикуваме Јавното обвинителство, Државната комисија за спречување на корупцијата, Државниот завод за ревизија – веднаш да отворат постапка. СДСМ секој ден ќе бара одговорност за овој скандал“,
рече Илиевски.
Од АД „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ) во реакција на овие обвинувања велат дека „Техно коп плус“ ДООЕЛ Битола е избрана за компанија за технолошко чистење откако ги исполнила сите наведени критериуми по јавниот повик. Додаваат дека овој понудувач понудил за 30 отсто пониска цена од досегашната и, иако одлуката е донесена, договорот сè уште не е потпишан поради тековната жалбена постапка, а ќе биде склучен по истекот на овој период. ЕСМ нагласува дека немало хаварија, туку, како што велат, извесно е дека се случила саботажа.
„Целиот настан во моментов е предмет на истрага од надлежните институции“,
посочуваат од АД ЕСМ.
Оттаму додаваат дека, во меѓувреме, додека технолошкото чистење од надворешни изведувачи е во прекин, се преземаат проактивни мерки за внатрешно справување со сите отворени прашања.
„Се вложуваат максимални напори за повторно ставање во функција на Блок 2 и Блок 3. И двата ќе бидат за многу кратко време спремни за синхронизација на мрежата, а кој од нив ќе влезе, ќе одлучи раководството на РЕК ‘Битола’. Во овој период, заради обемот на конзумот, нема потреба да ‘возиме’ со два блока. Во меѓувреме снабдувањето со електрична енергија во државата е целосно обезбедено. Ова се постигнува преку ТЕЦ ‘Осломеј’, зголеменото производство од хидроелектраните на АД ЕСМ, како и преку балансирана набавка и продажба на електрична енергија преку МЕМО“,
потенцираат од АД ЕСМ.