Границите на Грција, веќе една година се затворени за државјани на трети земји, меѓу кои и за македонските државјани
Најфреквентниот граничен премин Богородица е подготвен пред најавеното отворање на границата со Грција, повеќе од една година откако рампата за македонските граѓани беше спуштена уште во првиот карантин во март лани.
Командирката на граничната полиција Јасмина Аврамска вели дека македонските служби се подготвени, но до овој момент од нивна страна немаат добиено никакво известување.
Границите на Грција, веќе една година се затворени за државјани на трети земји, меѓу кои и за македонските државјани. Одлуката беше воведена лани, за време на првиот карантин во март, а оттогаш се продолжува на секои две седмици. Прекуграничните поминувања беа само за одредени категории граѓани.
„Во истиот период 2019 година, за 48 часа се регистрирани 6 626 македонски граѓани од кои 3 680 излегле кон Грција,а 2 946 влегле во земјава.Кога ќе се земат во предвид и останатите странски туристи кои најчесто го користат нашиот премин,на дневно ниво низ ГП Богородица транзитирале по околу 15 илјади патници на излез и влез во земјава“,
вели Аврамска за МИА.
Планот на грчката Влада за безбедно отворање на туризмот, како и кампањата на грчката национална туристичка организација, вечерва ќе бидат презентирани на прес-конференција.
Министерот за здравство Венко Филипче најави дека Грција останува на ставот за отворање на границата за македонските граѓани, а за влез ќе бидат потребни сертификат дека се вакцинирани или негативен ПЦР-тест, не постар од 72 часа.
