Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека тие 59 пратеници дента не биле присутни на седницата во Собранието затоа што биле спречени од лидерите на политичките партии на власт
Имавме ситуација 59 пратеници кои ја поддржуваат Владата да се држат како заробеници затоа што некој се сомнева во честа и честитоста на тие пратеници, да бидат дел од таа седница и да гласаат „против“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во вечерашното гостување на Телма, коментирајќи за седницата во Собранието минатата недела, кога пропадна иницијативата на опозицијата за гласање недоверба на Владата.
„Да претпоставиме дека ќе беа против, тие велат таа влада, предводена од СДСМ и Зоран Заев, да остане, и тоа е легитимно, никој не ги тера со сила. Од едната страна ќе имавме 60 пратеници, минус овој еден кој се потпишал и го нема, од другата страна имаме 59 во пратеничките клупи кои гласаат против иницијативата за гласање на доверба и ќе беше 60:59, еден исчезнат во тој момент, бидејќи се појави дури попладнето после 16 часот откако претседателот на движењето Беса пријави исчезнат пратеник. Овие 59 ќе си гласаа против и јавноста ќе беше заштитена од сето она што се случуваше”
рече Мицкоски на „Топ тема“.
Мицкоски рече дека тие 59 пратеници дента не биле присутни на седницата затоа што, според него, биле спречени од лидерите на политичките партии на власт, кои, како што рече, немаат доверба во своите пратеници и мислат дека некој од нив, сепак, ќе гласа за недоверба на Владата.
И покрај исходот во парламентот, тој вели дека ќе ја развласти власта, заедно со другите опозициски партии.
“Јас кажав дека заедно со сите политички партии кои што се против овој режим, ќе го развластиме Зоран Заев. СДСМ и ДУИ на овие избори се апсолутни губитници, а тоа само говори за гневот што граѓаните го чувствуваат кон оваа власт, поради сите губитнички политики изминатите години. Развластувањето на оваа власт не е желба на Христијан Мицкоски, туку насушна потреба за земјата да почне да се развива и да заврши еднаш засекогаш со криминалот и корупцијата”,
истакна Мицкоски.