Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека оние кои ги злоупотребуваат чувствата на граѓаните во етнички контекст треба да заминат во политичка пензија
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ги обвини владејачките ДУИ и СДСМ дека подгреваат етнички тензии, за, како што рече, да добијат по некој тендер повеќе.
„Сите ние имаме една заедничка мака, а тоа е дека лошо живееме. Не крадат политичари, кои за да добијат некој тендер повеќе, за да добијат некој денар повеќе во нивниот џеб од некои квази-бизнисмени, подготвени се да ги злоупотребат чувствата на граѓаните без разлика на од која етничка припадност се“,
рече Мицкоски во гостување на ТВ Клан.
Според него, оние кои ги злоупотребуваат чувствата на граѓаните во етнички контекст треба да заминат во политичка пензија и да дојде време кога, како што вели, космополитите на политичката сцена, луѓето кои се за обединување ќе ја преземат иницијативата во свои раце и ќе обезбедат подобар живот за граѓаните.
Претходно, генералниот секретар на Алијанса за Албанците и кандидат за нов мандат за градоначалник на Гостивар, Арбен Таравари, му посака на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, „успешно пензионирање“, коментирајќи негова изјава дека не треба да се дозволи ВМРО-ДПМНЕ да одлучува кој ќе раководи со Гостувар.
„Мора да бидеме единствени и да не дозволиме ВМРО-ДПМНЕ да одлучи кој ќе победи во Гостивар“,
рече Ахмети на предизборен собир во гостиварското село Форино.