Генералниот секретаријат на Владата, во рок од три дена, треба да одреди тројца вработени кои ќе ги доставуваат информациите за избраните и именувани лица до ДКСК. Тие податоци потоа ќе бидат внесувани во Регистарот на функционери
Антикорупциската комисија најдоцна за три месеци ќе има увид во податоците на сите функционери што ги избрала Владата во периодот од 2017 година досега, односно по смената на политичката номенклатура на власта пред пет години.
Ваква обврска произлегува од Информацијата што Владата ја усвоила на вчерашната седница, на предлог на вицепремиерката за политики за добро владеење Славица Грковска, а согласно Законот за спречување корупција и судир на интереси.
Со Информацијата се задолжува Генералниот секретаријат на Владата, во рок од 15 дена, да изготви образец за биографски податоци што институциите ќе го доставуваат при доставување предлози за избор и именување функционери до Владата на Северна Македонија. За таа цел, Генералниот секретаријат, во рок од три дена, треба да одреди тројца вработени кои ќе ги доставуваат информациите за избраните и именувани лица до ДКСК, со пополнување на образецот. Тие податоци потоа ќе бидат внесувани во Регистарот на избрани и именувани лица во рок од 15 дена од денот на верификацијата на мандатот, односно од назначувањето и по престанокот на функцијата.
Според информации од Владата, податоците за сите избрани и именувани лица за период од 2017 година, заклучно со 2022 година, треба да бидат доставени до Државната комисија за спречување корупција во рок од 90 дена.
