Панче Тошковски е магистранд на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ на тема „Криминолошки и компаративни аспекти за унапредување на безбедноста во јавниот сообраќај“ тесно поврзана со проектот „Безбеден град“ и „Безбедна држава“ кој треба да профункционира од 1 јануари 2026 г.
Тошковски не гледа проблем во тоа што ќе магистрира додека е на министерската позиција и тоа на тема од ресорот со кој раководи

Апсолутно не – децидно одговори министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на прашањето дали е злоупотреба на јавната функција за приватни цели тоа што тој ќе магистрира на Правниот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје во период кога е министер и тоа токму на тема од ресорот со кој раководи.
Насловот на магистерскиот труд е „Криминолошки и компаративни аспекти за унапредување на безбедноста во јавниот сообраќај“, па има дилеми за тоа колку е соодветно Тошковски да магистрира во период кога е на јавна функција и на тема до која има пристап поради јавната функција за која е платен со јавни пари.
„Апсолутно не. Зошто? Заради тоа што една магистерска теза која би требало да биде направена од било кој што, нели, сака да даде научен придонес со своето знаење, искуство, вештина итн., би требало апсолутно во целост да има практична имплементација за да има додадена вредност и од научен аспект и од практичен аспект. Чуму би ми била мене магистерската теза ‘Сејф сити’ ако јас не ја имплементирам? Ако таа не даде додадена вредност во пракса и обратно, од научен аспект би требало да седне да напише научна теза која би била на ниво на магистериум, оној што, да речеме, еве така ќе земам пример, завршил Правен факултет со минимум 8,5 просек, оној што запишал магистерски студии уште далечната 2005-2006 г., оној што положил уште тогаш седум-осум испити поврзани со кривично право и криминологија, оној што работел година дена, година и пол во суд, работел година, година и пол кај други адвокати, работел во Министерство за транспорт и врски на исто така поврзани теми со областа“,
рече Тошковски во интервју за „360 степени“ на МРТ 1.

Министерот вели дека ќе се сложел со тезата дека станува збор за неетички потег ако тој злоупотребел податоци што би биле достапни само за него, а не и за останатите магистранди од областа.
„Секој еден податок што јас го имам употребено во рамки на мојот магистерски труд, што би ви препорачал да го прочитате утре, друг ден, кога ќе биде официјално одбранет, првична верзија од истиот да имам напишано, но би ве замолил да го прочитате и се надевам дека ќе може таму да видите, вака да речам, одредени податоци што се и сега јавно достапни податоци. Тоа се анализирани, компаративни анализи се направени на земји од Европската Унија, на податоци што ги имаме дадено ние како Министерство за внатрешни работи на нашата веб-страница, на податоци што, да речеме, ги имам анализирано од страна на Европскиот суд за човекови права итн. Нема податоци што не се јавно достапни“,
тврди Тошковски.
На прашањето кога наоѓа време за активностите поврзани со магистратурата и за полагање испити, тој одговори дека спие само пет часа дневно.
Тошковски: „Сите што ме знаат, знаат дека спијам пет часа. Кога не сум болен. Кога сум болен спијам и по 20. Кога не сум болен, спијам пет часа. Тоа е, таков ми е биоритамот. И дали вложувам во ова цел свој живот? Да. Дали сум имал идеја пред ова на што да магистрирам и да дадам додадена вредност од себеси, од аспект на моите професионални знаења? Не. Сега добив идеја и инспирација да магистрирам на тема што лично ме повредува. Не знам како да ви кажам, едноставно не можам да ја прифатам бројката на 142 жртви секоја година што ги имаме во Македонија“.
„360 степени“: Ама мислам дека не ја правите разликата меѓу Панче Тошковски – министерот за внатрешни работи и Панче Тошковски – магистрандот на Правен факултет.
Тошковски: „Ама ова е додадена вредност. Моите знаења лични, што сум ги имал до овие 20 години стекнато, се на Панче Тошковски адвокатот, на Панче Тошковски студентот, на Панче Тошковски вработениот во суд или на Панче Тошковски вработениот во Министерство за транспорт и врски? Чии се? Ама јас сум еден човек.“
„360 степени“: Ама вие со темата не се занимававте пред да дојдете за министер за внатрешни работи.
Тошковски: „Со оваа тема? Ама јас сум работел како адвокат за прекршоци. Јас како вработен во Министерство за транспорт и врски сум работел на тема безбедност во сообраќајот.“
„360 степени“: Но, со конкретниот систем не сте се занимавале пред да дојдете за министер.
Тошковски: „Ама оваа тема не е само ‘Сејф сити’ имплементација како нов систем. Оваа тема треба да даде одговор на поставени прашања во делот на зголемување на безбедноста во сообраќајот, каде што технолошките имплементирања на новите знаења, техники итн. се само еден сегмент. Менување на менталитет на граѓани е втор сегмент. Или тоа не сум го работел претходно? Нова законска регулатива на построги казни е трет сегмент. Или тоа не сум го работел претходно?“
„360 степени“: Зошто не почекавте да ви заврши мандатот, па да магистрирате?
Тошковски: „Затоа што сакам да има додадена вредност во наука она што јас го имплементирам во пракса заедно со сите експерти, професионалци, професори, вработени во Министерството за внатрешни работи, луѓе што врз основа на знаење и искуство кое го имаат сакаат да помогнат во рамки на имплементирање на ваков крупен проект.“
„360 степени“: Вие не сте фармацевт во приватна компанија, кој за доброто на својата компанија врши истражувања. Тоа е приватна компанија и да, таму магистерскиот труд ќе има додадена вредност во компанијата. Овде сте вие на јавна позиција.
Тошковски: „Ама магистерскиот труд не ми го плати државата мене, па така да зборите. Магистерскиот труд сам си го платив од аспект на котизација на Правниот факултет. Сам го платив од лично свои средства. Од сметка на Панче Тошковски, од плата што ја добивам денес.“
Тошковски рече дека никогаш нема да биде убеден дека научната вредност на кој било магистерски труд нема да е десет пати поголема доколку има апликативна примена.