„Првата заедничка обука меѓу кинеската и српската армија ќе придонесе за зајакнување на борбените способности на учесниците и продлабочување на соработката меѓу двете армии“, порача портпаролот на Министерството за одбрана на Кина
Специјалните сили на кинеската и српската армија ќе спроведат заедничка обука наречена „Мировник 2025“ во покраината Хебеј во северна Кина во втората половина на јули, најави полковникот Џијанг Бин, портпарол на кинеското Министерство за одбрана.

„Ова ќе биде прва заедничка обука меѓу кинеската и српската армија. Таа ќе придонесе за зајакнување на борбените способности на учесниците и продлабочување на соработката меѓу двете армии“,
рече портпаролот на Министерството за одбрана на Кина.
Во 2020 година Србија купи шест нови беспилотни летала CH-92A од Кина, а две години подоцна го купи и ракетниот систем за воздушна одбрана ФК-3.
Официјален Белград одржува добри односи со Кина, а двете земји ја дефинираат меѓусебната соработка како стратегиско партнерство, истовремено додека Србија е кандидат за членство во Европската Унија. Властите во Белград сметаат на поддршката на Кина во меѓународните организации и институции во спротивставувањето на независноста на Косово, а се потпираат на Кина и за економски инвестиции и заеми.