Вештачењето на мобилните телефони на четворицата осомничени за скандалот „Јавна соба“ се очекува да заврши денеска или утре и анализите ќе бидат доставени до Основното јавно обвинителство, вели министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
На новинарско прашање на денешната прес-конференција, Спасовски рече дека се идентификуваат и други членови на групата, но повтори дека истрагата ја отежнува тоа што нема соработка од страна на апликацијата „Телеграм“.
„Хендикеп е некомуникацијата со ‘Телеграм’, и покрај тоа што ‘Јавна соба’, после повикот од премиерот и мојот повик дека ќе преземеме други чекори против платформата доколку не реагира, беше избришана оваа група, но нема никаква комуникација од страна на ‘Телеграм’ и тоа претставува дополнителна тешкотија во изведувањето докази и за МВР и за ОЈО“,
вели Спасовски.
Спасовски рече дека сите потребни материјали ги доставиле во ОЈО и пред една година, кога првпат се појави „Јавна соба“, и дека на тоа работат и сега и порача дека очекува да се направат повеќе напори за да се расветли случајот.
„Секако дека пред една година беа доставени сите потребни барања и анализи коишто беа можни да се достават до ОЈО и сега многу ажурно, брзо и ефикасно МВР ги доставува сите барања и анализи до ОЈО. Затоа очекувам дека сите заедно и дека и ОЈО ќе направи повеќе напори за многу поефикасно да се решаваат овие случаи и да се покаже дека има некој којшто ќе ги штити граѓаните и нивните права, пред сѐ од злоупотребата на личните податоци“,
вели Спасовски.