„Кога зборуваме за реформската агенда, ова е уште еден доказ дека оваа влада не ги реализира ветувањата што ги дава пред граѓаните. Требаше да имаме нов Кривичен законик, па добивме измени. Требаше да имаме нов Изборен законик, а повторно се зборува за измени. Тоа покажува дека декларативната заложба за реформи и напредок не се реализира“, рече пратеникот на СДСМ во вечерашното гостување во емисијата „Клик плус“ на ТВ 21
Постојниот Изборен законик е пренатрупан со бројни интервенции и повеќе од јасно е дека треба да се оди на донесување на целосно ново законско решение наместо натамошни парцијални измени.
Ова го кажа пратеникот и координатор на пратеничката група на СДСМ во Собранието, Оливер Спасовски во вечерашното гостување во емисијата „Клик плус“ на ТВ 21, посочувајќи дека Изборниот законик е дел од реформската агенда, која треба да се реализира со јасно утврдени рокови.
Во моментот, како што кажа тој, има над 30 измени во актуелниот текст на Законот, што само по себе укажува на потребата од носење на целосно нов закон.

„Зошто реформската агенда не е на дневен ред на една лидерска средба? Едно од законските решенија коешто е дел од реформската агенда со точни рокови кога треба да се донесе е Изборниот законик. Факт е дека имаме над 30 измени во постојниот Изборен законик и дека треба да се донесе нов. Ние како опозиција очекуваваме Министерството за правда да понуди нов Изборен законик, затоа што тоа беше ветено од страна на Владата“,
рече Спасовски.
Говорејќи на темата, пратеникот на СДСМ рече дека наместо нов предлог-закон, на координативна средба пред две недели во Собранието, министерот за правда Игор Филков информирал дека нема да се прави нов Изборен законик, туку ќе се формира работна група со по двајца претставници од парламентарните партии, на која ќе се разговара за измени. На средбата, како што додаде Спасовски било кажано дека доколку измените надминат 30 отсто од законот, тогаш ќе се пристапи кон носење на целосно нов Изборен законик.
Во тој контекст, тој оцени дека ваквиот пристап е уште еден показател за како што рече неисполнетите ветувања на Владата во рамките на реформската агенда.
„Кога зборуваме за реформската агенда, ова е уште еден доказ дека оваа влада не ги реализира ветувањата што ги дава пред граѓаните. Требаше да имаме нов Кривичен законик, па добивме измени. Требаше да имаме нов Изборен законик, а повторно се зборува за измени. Тоа покажува дека декларативната заложба за реформи и напредок не се реализира“,
рече пратеникот на СДСМ.
Според Спасовски, теми како промена на изборниот модел од шест изборни едници во една изборна единица со отворени листи и намалување на бројот на пратеници се прашања кои треба сериозно да се отворат и разгледаат, потестувајќи дека дел од нив биле содржани и во изборните програми.
„СДСМ ако се сеќавате и во својата изборна програма имаше декларација и за намалување на бројот на пратеници, но и за една изборна единица со отворени листи. И неколку пати тоа прашање се отвора и ние даваме поддршка во однос на оваа тема којашто ја имаме. Јас очекувам дека таа тема ќе се отвори како дискусија во рамките на работната група“,
Спасовски, во тој контекст, наведе дека сè уште не добиле официјален допис од Министерството за правда за да делегираат свои преставници во работната група.
„Изборниот законик се носи со консензус и тоа, според Деловникот, е едно од ретките законски решенија за кое може да се поднесуваат амандмани, односно може да биде блокирано како законско решение. И секогаш досега, историски наназад, Изборниот законик се носи со консензус од сите политички партии“,
кажа Спасовски.
Според него, неопходно е да се седне и да се разговара за сите прашања кои ќе придонесат за зајакнување на довербата во изборниот процес и за исполнување на очекувањата на граѓаните.

Пратеникот Бобан Карапејовски од редовите на „Движење ЗНАМ – За наша Македонија“, партијата од која доаѓа и министерот за правда Игор Филков, по вчерашната лидерска средба во Клубот на пратеници, рече дека тие се залагаат за суштинска и праведна реформа во однос на Изборниот законик.
„За нас е прифатливо и потребно ново решение со една изборна единица, што ќе обезбеди поголема еднаквост на гласот на секој граѓанин и пофер политичка застапеност. Сметаме дека мора јасно и прецизно да се регулира финансирањето на политичките партии, особено оние што се застапени во Собранието преку пратенички групи за да се обезбеди транспаретност“,
кажа Карапејовски.
