Потребно е да продолжиме по патот што заедно го избравме, за да продолжат брзиот раст на платите, трансформацијата на македонската економија, вложувањата во јавното здравство и во чиста животна средина, за да се прочисти правосудството од корумпираните судии и обвинители, за да ги осигураме и европските интеграции – по членството во НАТО, изјави во Куманово потпретседателот на СДСМ Оливер Спасовски, кој е носител на листатат на владејачката коалиција во втората изборна единица.
„Да продолжиме по правиот пат значи никогаш повеќе режим: кражба на народните пари за да се полнат џебови на поединци, поделби на народот, мрачни времиња во кои се гази врз достоиството на луѓето… Тоа значи никогаш повеќе меѓународна изолација, значи ‘не’ за опасното рушење на здравствениот систем, на што бевме сведоци повеќе од една деценија“,
рече Спасовски пред кумановци на првиот ден од кампањата.
Неговиот главен противкандидат Владо Мисајловски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ , пак, на средба со граѓани од Чаир каде истакна дека големата поддршка во оваа општина гарантира убедлива победа на опозицијата, која, како што рече, ќе донесе промени во Македонија и со која сите црнила и неправди ќе станат минато.

„Тие дојдоа само за една цел, а тоа е за промена на името. Велеа дека не постои таков човек кој ќе дојде и ќе го стори тоа. Ги знаете и начините, прогонот што се вршеа врз ВМРО-ДПМНЕ. Да ги замолиме граѓаните да ни ја дадат довербата, да видат дека она што го говориме е реално и искрено. Јас она што ќе го ветам пред вас, навистина ќе го исполнам и ќе се борам не само во Собранието, туку и во Владата, тоа да се исполни. Граѓаните заслужуваат убав живот“,
рече Мисајловски во Чаир.