Министерството за внатрешни работи не знае дали побегнатиот ексдиректор на УБК, Сашо Мијалков, имал двојно државјанство, но според нивните анализи и проценки, тие веруваат дека тој сè уште е на територијата на С Македонија.
Ова го кажа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на денешната прес-конференција, која е и прво негово појавување во јавноста откако избега Мијалков.
Спасовски рече дека, според сознанијата што ги добиваат од Агенцијата за национална безбедност, нема информација дали Мијалков има двојно државјанство, но рече дека тој е на стоп-листа од 2017 година со забрана за излегување од државата.
„Ние на граничните премини имаме континуитет во следењето преку интегрираното гранично управување, ги следиме во реално време сите камери на сите гранични премини што ги имаме“,
рече Спасовски.
Тој тврди дека според нивните информации, Мијалков е во земјава и ќе биде изведен пред лицето на правдата.