На мирни протести повикаа и од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, но оттаму ја обвинуваат власта на СДСМ и ДУИ дека свесно режира инциденти преку уфрлени провокатори
Во пресрет на новиот протест кој и денеска се очекува да се одржи во 19 часот против францускиот предлог, а по инцидентите кои беа забележани изминатите два дена, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски апелира вечерва граѓаните да протестираат мирно. Мирен протест, како што вели, е врв на демократијата.
„Уште еднаш би сакал да упатам силен апел до граѓаните и политичките партии коишто сакаат да го искажат своето право на протест, истото да го сторат на начин преку кој ќе демонстрираат демократски капацитет, со должно почитување на законските одредби за јавни собири, како и почит кон должноста на полициските службеници во обезбедувањето на мирот и стабилноста“,
вели министерот.
Тој уверува дека никој нема намера да спречи некого мирно да протестира и додава дека нападите коишто имаат за цел да предизвикаат меѓуетнички препукувања и ескалации од друг тип, на никој начин не можат да придонесат во демократско општество. Во апелот, министерот наведува и оти очекува сите политички партии да повикаат на мирни протести.
„Очекувам сите политички партии да бидат на ниво на својата одговорност и да повикаат на мирни протести. Заеднички да го сочуваме достоинството на нацијата, а притоа да се спречат немири кои би значеле нови поделби на штета на граѓаните и државата. На крајот би сакал да потенцирам – да повредиш полицаец, значи да кренеш рака врз државата, врз синот и братот кои извршуваат службени дејствија со цел гарантирање на сигурноста и безбедноста на сите. Повикувам на свесност и одговорност во протестите – нека победи разумот!“,
наведува Спасовски.
На мирни протести повикаа и од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, но оттаму ја обвинуваат власта на СДСМ и ДУИ дека свесно режира инциденти преку уфрлени провокатори.
„Целта е јасна. Да го заплашат и одвратат народот од гласното и масовно противење на нивната анационална политика. Впрочем сценариото на власта се гледа во изјавите на Бујар Османи, Оливер Спасовски и Димитар Ковачевски кои најавуваат меѓуетнички тензии и даваат милитантни контексти. Но тоа не им поминува. Прочитани се. На народот му е јасно дека криминогената власт само заради фотелји и функции е спремна на се. Народот масовно, достоинствено и гласно кажува НЕ на уцените, ултиматумите и асимилацијата која власта на СДСМ и ДУИ сака да им ги наметне“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ повикувајќи ги граѓаните и денеска во 19 часот масовно да се приклучат на протестот и да не подлегнуваат на провокациите.
Вечерашниот протест, исто како и претходно, треба да започне пред Владата од каде ќе се маршира кон МНР и треба да заврши пред Собранието.