Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски не чувствува одговорност за бегството на Сашо Мијалков и рече дека одговорноста треба да се бара во системот што треба да се среди.
„За да се чувствува одговорност, значи дека треба да направите пропуст намерен или да не постапите во однос на овие насоки што се дадени. Според хронологијата на настаните, гледате дека МВР постапува веднаш од добивањето на информациите со сите расположливи средства. Ние мора да ја бараме одговорноста во непостоењето на целиот систем. Тоа го укажав и претходно, ако не се среди системот и имаме вака сериозни пропусти во постапката во делот на системот, тогаш секако ќе имаме и нови настани што ќе се случуваат. Ова треба да биде силен аларм до сите да се консолидира системот и да се поставува воедначено. Да се знае точно за какви предмети и по кои околности мора да се бараат мерките за притвор и токму на основа на тоа да се дадат предлозите од обвинителството и да се носат одлуките од судиите. МВР ги извршува наредбите од страна на јавното обвинителство или судските одлуки, ние не можеме ниту да носиме одлуки ниту да постапуваме без судот“,
изјави Спасовски во своето прво појавување по бегството на Мијалков.
Тој излезе и со хронологија на настаните и активностите што ги презело МВР, за кои тврди дека се преземени според закон. Иако рече дека не ја префрла одговорноста кај никого, сепак, во неколку наврати нагласи дека обвинителството е тоа што бара притвор, а МВР ги спроведува наредбите. Презентирајќи ја хронологијата, Спасовски рече:
– Во саботата околу 12:30 часот добив повик од Русковска и ме извести дека имала сознанија дека Сашо Мијалков подготвува бегство. Иако доколку имала сознанија можела да се обрати до судот, се договоривме да прати писмено известување до МВР за да се провери дали нашите служби имаат такви сознанија.
– Во 17 часот од обвинителството добивме известување во кое стои дека обвинителката Русковска има сознанија се подготвува да избега преку зелената граница поради најавите за добивање повисока казна од посакуваната.
– Во меѓувреме, во 22:30 часот, издадена е наредба за полициско дејствување на улици и објекти, за 24-часовен надзор, за што е изготвен план за прикриено полициско дејствување и ангажирани се тимови со полициски службеници. Потенцирам, прикриено полициско дејствување е дозволено со закон, но не следење на лице што не може да се направи без судска наредба.
– Неделата околу 11 часот директорот на БЈБ добива повик од обвинителството, а потоа и барање за појаснување и дополнителни информации. Одговорено е дека нема дополнителни информации. Издадени се насоки да се ангажираат дополнителни служби низ градот Скопје, посебно на излезните точни.
– Околу 14 часот и 40 минути, од правец МЕПСО кон хотел „Мериот“ е забележан Мијалков со женско и три машки лица, по што влегуваат во подземните гаражи.
– Околу 15 часот е забележан излез на три возила, но не можело да се утврди дали и Мијалков е во возилата што се упатуваат по улицата „Славејко Арсов“, која се наоѓа под улицата „Тодор Александров“.
– Во целиот овој период има поставено полициски тимови околу „Мериот“, како и зградата „Тодор Александров“, како и на излезите од Градот Скопје.
– По подигањето на решението за притвор почната е процедурата за доставување. Околу 21:30 часот утврдено е дека Мијалков не е таму. Извршени се пребарувања на три стана на Мијалкови, и на стан на улицата „Народен фронт“, а преземени се и други активности со цел пронаоѓање на лицето.
Спасовски посочи дека вчера се извршени разговори и со 10 лица, членови на семејството и на обезбедувањето, а разговорите продолжуваат и денеска со лица кои би можеле да имаат информации за бегството. Одземени се телефони, а биле обезбедени и снимки од безбедносните камери.