Дека надлежните институции во земјава одблизу ја следат состојбата во Косово денеска изјави и претседателот на Собранието, Талат Џафери, за време на редовниот брифинг со новинарите. Според собранискиот спикер, во моментов нема индиции оти состојбата во Косово би можело да има последици и по С Македонија
Безбедносните служби со голема будност и одблизу ја следат состојбата на северот на Косово, собираат информации и вршат редовни анализи, вели првиот човек на Министерството за внатрешни работи Оливер Спасовски во изјава за белградскиот весник „Политика“.
Неговата изјава доаѓа откако викендов вооружена група ја нападна косовската полиција на северот на Косово смртно ранувајќи еден полицаец. Убиени се и најмалку тројца од напаѓачите.

Засега, вели Спасовски, безбедносната ситуација во С Македонија е под контрола и нема директни последици што би претставувале закана за земјата.
„Граѓаните можат да бидат мирни. Убеден сум дека нашите стратешки партнери, ЕУ и САД, нема да дозволат црни сценарија и ќе извршат силен притисок работите да се вратат во нормала“,
изјави Спасовски за „Политика“.
Порача дека ако мирот и стабилноста се вредностите кон кои цели регионот, тогаш, како што вели, политичките кризи не можат да се решаваат со конфликти.
Дека надлежните институции во земјава одблизу ја следат состојбата во Косово денеска изјави и претседателот на Собранието, Талат Џафери, за време на редовниот брифинг со новинарите. Според собранискиот спикер, во моментов нема индиции оти состојбата во Косово би можело да има последици и по С Македонија.

„Институциите си ја вршат својата работа со она што се обврзани и надлежни. Ја следат целокупната состојба и соодветно на тоа по потреба и да се преземаат соодветни мерки. Несомнено е дека одблизу ја следат ситуацијата во Косово имајќи го предвид фактот што сме полноправна членка на НАТО и директно инволвирани во мисијата на КФОР во Косово“,
изјави Џафери по денешниот брифинг со новинарите.
Изјавите на Спасовски и Џафери следуваат по нападот на косовската полиција раноутрината на 24 септември од група маскирани и вооружени лица. Во нападот загина еден полицаец, а подоцна се убиени и најмалку тројца од напаѓачите. Шестмина осомничени за поврзаност со вооружената група се уапсени.
Областа околу селото Бањска сè уште се истражува. Поради ова, влезот на селото сè уште е блокиран, а можат да влезат или да излезат само оние кои живеат таму и имаат итна потреба да се преселат.